Фото: ЕПА
  • Настанот се состои од една партија, каде што таа ќе игра со бели фигури. Секоја страна ќе има 24 часа да го одигра секој потег, а потезите на светот ќе се одлучуваат со гласање на заедницата

Љубителите на шахот од целиот свет ќе имаат можност да учествуваат во уште една историска пресметка против една од живите легенди на шахот. Станува збор за унгарската велемајсторка (ВМ) Јудит Полгар, најсилната жена во историјата на шахот и една од највлијателните личности што некогаш ги видел шахот, која ќе игра против светот. Полгар ќе го одигра првиот потег на 6 февруари, кога првпат ќе се прикаже нејзиниот нов документарец, „Кралицата на шахот“, кој ќе биде објавен на „Нетфликс“ за повеќе од 300 милиони претплатници. Избран за прикажување на престижниот филмски фестивал „Санденс“ годинава, документарецот ја раскажува приказната за младото унгарско чудо од девојче, кое се стреми да ги предизвика мажите што доминираат во шаховскиот свет, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Настанот се состои од една партија, каде што таа ќе игра со бели фигури. Секоја страна ќе има 24 часа да го одигра секој потег, а потезите на светот ќе се одлучуваат со гласање на заедницата.
– Се радувам на овој нов предизвик, играјќи партија против глобалната шаховска заедница. Ги предизвикувам сите да се регистрираат и да придонесат, и возбудена сум да видам што ќе игра заедницата – вели Полгар, пренесе „Чес“.
Полгар ќе биде четвртиот играч што ќе се соочи со предизвикот да се бори против целиот свет на „Чес“. Серијата почна во 2024 година, кога членови од целиот свет играа против ВМ од Индија, Вишванатан Ананд.

Продолжи со партија против ВМ од Норвешка Магнус Карлсен и ИМ од САД, Леви Розман (играше и победи против 225.054 шахисти), при што секој натпревар го соборуваше претходниот рекорд за шаховска партија во историјата според бројот на противници од целиот свет и го привлекуваше вниманието на големите медиуми.
Сега е време заедницата да се соочи со една од легендарните шахистки во историјата на древната игра. Полгар не беше само шахистка од светска класа што постави рекорди, создаде многу брилијантности и ги победи светските шампиони како што се Ананд, Анатолиј Карпов и Гари Каспаров. Таа беше пионер што го предизвика системот и ги сруши родовите бариери на највисоките нивоа во играта, пишува „Чес“.
– Од 1980-тите, кога се појави на турнирската сцена како едно од најголемите шаховски чуда, Јудит Полгар е неверојатен играч, учител, модел и промотор на шаховската игра. Шахот има огромна среќа што ја има Јудит, а заедницата на „Чес“ има среќа што има можност да игра против неа – рече Сем Коупленд, раководител на заедницата на „Чес“. Г.И.