Освоени се вкупно 13 медали, од кои два златни, четири сребрени и шест бронзени

КАРАТЕ

Македонската карате-репрезентација во борби и во кати освои вкупно 13 медали, од кои два златни, четири сребрени и седум бронзени на Балканското првенство (БП) за сениори, викендов во Будва (Црна Гора).
Со злато се закитија Јована Мицовска во тежинската категорија до 61 кг, во борби, како и женскиот ката-тим (Данка Стојкова, Тамара Ристовска и Владанка Аврамова), кој во полуфиналето славеше на дуелот со Црна Гора, а во финалето ја победи Србија.
Сребро освоија Стефан Стојановиќ (категорија до 84 кг), Љупче Михајлов (до 75 кг), Викторија Јовановска (до 61 кг) и женскиот тим во борби (Мојсовска, Костовска, Јовановска и Божиновска), кои ги победија селекциите на Романија и на Косово, но во финалето загубија од БиХ.
Бронзи на Балканското првенство освоија Емил Павлов (до 67 кг), Ангела Мојсоска (до 68 кг), Магдалена Божиновска (до 61 кг), Михаела Мишовска (до 50 кг), Сара Дука (до 50 кг), Данка Стојкова (до 50 кг).
Репрезентацијата на Македонија, предводена од селекторите Александар Кузмановски (борби) и Стојан Андриевски (кати), во конкуренција на 12 репрезентации со вкупно 350 натпреварувачи, на крајот го зазеде шестото место. Најуспешна репрезентација е Турција со 21 медал (осум златни, три сребрени и 10 бронзени), втора е Црна Гора 14 (7-4-3), а трета Србија 31 (6-11-14) итн. Г.И.