КК Макпетрол

Најтрофејниот македонски кугларски клуб, скопски Макпетрол, испиша нова златна страница во својата клупска историја. „Нафташите“ 14. пат го освоија Купот на Македонија. Во големото финале тие го совладаа минатогодишниот освојувач на Купот, КК Вардар 2014, со 6-2 во поединечни сетови или вкупно 3.325-3.240 во соборени кегли. Третото место го освоија екипите на Пелистер 1982 и на ГТЦ Мусандра.

Воедно, на овој последен екипен натпревар во сезоната 2025/2026 се доделија и медалите во Македонската кугларска лига, а и тука Макпетрол го освои пехарот, со 12 победи од исто толку натпревари. За нив тоа беше и 25. пат да бидат прваци на Македонија, а 14. пат во низа, нешто со што ретко кој клуб во екипните спортови може да се пофали во Македонија. Второто место го освои Пелистер 1982, а трет беше Вардар 2014.

Поединечни резултати, финален меч во Купот на Македонија помеѓу Вардар 2014 и Макпетрол: Димитровски – Марковиќ 1-3 во сетови (563-566 соборени кегли), Тодоровски – Мацановиќ 2,5-1,5 (532-520), Димовски – Даниловски 2-2 (567-575) Георгиевски – Беличански 2-2 (521-512), Ристевски – Акдин 1-3 (525-551), Јанковиќ – Трифуновиќ 1-3 (532-599). Г.И.