Шах – Во Струга се одржа регионалното училишно првенство „Езерска кралица 2023“
Во Струга, во преполната спортска сала во ПУ „Јахја Кемал“ се одржа првото регионално училишно првенство во шах „Езерска кралица 2023“, на кое учествуваа околу 120 деца од основните училишта од општините Струга, Охрид, Вевчани и Дебарца, кои, пак, беа поделени во четири категории (8, 10, 12 и 14 год.). Турнирот го организираше Младинската шаховска школа – Струга, во соработка со ШК Ласкер од Охрид, а со техничка и логистичка поддршка на ПУ „Јахја Кемал“ од Струга. Се играа седум кола со временско темпо од 10 минути плус пет секунди за секој одигран потег по играч.
– Ова беше најголемото регионално училишно првенство во шах организирано во Струга. Како организатори искажуваме голема благодарност до локалните самоуправи на четирите општини, до приватните компании и до сите што помогнаа во организација на овој голем шаховски настан. Поради големиот интерес за учество на деца и од други општини, за следната година размислуваме турнирот да прерасне во национален – ни изјави директорот на турнирот Ѓоко Котески.
Во категоријата до 14 години победи Лука Симоноски од ПУ „Јахја Кемал“ од Струга со 4,5 поени. На делба од второ до петто место завршија Ивана Велкоска и Кузман Бабаче и двајцата од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид, Мартин Бирацоски од ОУ „Братство единство“ од Охрид и Герасим Кумбароски од ОУ „Јосип Броз-Тито“ од Струга, сите со по четири поени.
Во категорија до 12 години најдобар е Јован Пуроски од ОУ „Св. Климент Охридски“ со 4,5 поени, втор е Филип Целески од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид исто така со 4,5 поени, а трет е Павел Мишески од ОУ „Св. Наум Охридски“ од Охрид со четири поени.
Во категорија до 10 години славеше Мехмед Хамза од ОУ „Братство единство“ од Охрид, пред Јована Котушеска од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид и Климент Ковачески од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, сите со по 4,5 поени.
И во категоријата до осум години првото место го поделија Александар Стојкоски од ОУ „Јосип Броз-Тито“ од Струга и Реџеп Актан од ОУ „Братство единство“ од Охрид, и двајцата со по 4,5 поени. На делба на второто место се Трајче Нелкоски и Олег Гогоски, и двајцата од ПУ „Јахја Кемал“ од Струга со по четири поени. Трет заврши Дамјан Чобанов од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид со три поени. Г.И.