Од она што го покажаа македонските таеквондисти, беше добро, но се разбира дека секогаш може и подобро. Едноставно, на овој турнир поставувавме правец како понатаму, вели селекторот Костовски по турнирот на кој во сениорска конкуренција злато освои Рељиќ, сребро Георгиевски, во младинска со сребро се закити јуниорот Ѓоргиев, а бронзи освоија кадетот Димовски и јуниорите Василевски и Марковски
ПО Г1-ТУРНИРОТ ВО СКОПЈЕ
Македонската таеквондистка Мила Рељиќ (категорија до 62 кг) освои златен медал на првиот Г1 меѓународен турнир во таеквондо „Скопје опен 2023“, кој се одржа изминатиот викенд во СРЦ „Јане Сандански“, што наедно беше и прв ваков турнир што воопшто се одржал во Македонија.
На победничкиот пиедестал Рељиќ, која настапи во сениорска конкуренција, се искачи по победите над Тамара Сево од Србија (2-1 во рунди), Унгарката Зое Гуели (2-0) и над Надја Савковиќ од Србија (со 2-1).
Со оглед на тоа што на турнирот во Скопје се освојуваа и бодови за обезбедување олимписка норма, на Рељиќ првото место ѝ донесе максимални 10 поени за ранг-листата за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година.
Најдобриот македонски таеквондист и носител на сребрениот медал од Летните олимписки игри во Токио одржани во 2021 година, Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), на турнирот во Скопје го освои сребрениот медал, што му донесе нови седум бода за олимписката ранг-листа. Во борбата за првото место Георгиевски загуби од Берат Хусејин Демирџиоглу од Турција, иако ја доби првата рунда.
– Од она што го покажаа македонските таеквондисти, беше добро, но се разбира дека секогаш може и подобро. Едноставно, на овој турнир поставувавме правец како понатаму. Георгиевски настапи со недоволно санирана повреда на раката, но тоа ќе го средиме за една-две недели. И јуниорите и кадетите беа добри, што само покажува дека таеквондото е носечки спорт во Македонија од олимписките и дека има своја иднина – ни изјави селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Борче Костовски.
Во кадетска конкуренција на турнирот во Скопје, со натпревари еден ден претходно, беа освоени едно сребро и три бронзи. Со сребро се закити јуниорот Дарко Ѓоргиев (категорија до 68 кг), а бронзи освоија кадетот Стефан Димовски (до 37 кг) и јуниорите Андреј Василевски (до 51 кг) и Јован Марковски (над 78 кг).
На Г1-турнирот во Скопје во сите конкуренции настапија околу 600 таеквондисти од 40 држави и беше мошне значаен оти претставуваше увертира за она што следува во мај, а тоа е Светското првенство (СП) во Азербејџан, каде што исто така ќе се освојуваат и бодови за исполнување норми за настап на ЛОИ 2024. Г.И.