Без Ѓоковиќ не би било исто на Австралија опен, тоа е како Ролан Гарос без Рафаел Надал, вели прославениот македонски тенисер Александар Китинов за „Нова Македонија“, додавајќи дека можеби и политиката се вмешала во целиот случај поврзан со водечкиот светски рекет Новак Ѓоковиќ.
– Мислам дека ќе го пуштат Ѓоковиќ да игра. Ако има прежелан ковид-19 и ако правилата го допуштаат тоа, би требале да му овозможат да настапи. Би било штета Ѓоковиќ да не игра во Мелбурн, турнирот нема да биде толку интересен без него. Тој, сепак, го освои Австралија опен деветпати и има можност да дојде до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј годинава – смета Китинов, кој учествуваше на сите четири гранслем-турнири во конкуренција на двојки.
Китинов, кој сега е тренер, беше специјалист за игра во двојки, освојувајќи три АТП-турнири во својата кариера (Базел, Борнмут и Букурешт) додека играше во уште четири финалиња. Во мешани двојки, Китинов го постигна најголемиот успех во 1998 година, токму на Австралија опен, кога заедно со Ева Мелихарова од Чешка играше во четврт-финалето, против чешката двојка Хелена Сукова и Кирил Сук. Гранслем-турнирот во Мелбурн за Китинов е еден од најпријатните за учество.
– Сѐ е сменето со пандемијата. Порано се пријавувавте и ви даваа дозвола да настапите. Евентуално, можност за настап се добиваше и со покана од Тениската федерација на Австралија, но мене никогаш не би беше потребна покана. Гранслем-турнирот во Мелбурн е еден од најпријатните за учество. Особено за мене бидејќи извесно време живеев во Австралија – објаснува Китинов.
Австралиската влада се согласи да ја повлече одлуката за укинување на визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, на денешното рочиште во судот во Мелбурн. Наспроти одлуката, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук има можност лично да интервенира доколку одлучи да ја укине визата на Ѓоковиќ врз друга основа, за што застапниците на австралиската влада дале назнака во судот.
Српскиот тенисер цели на Австралија опен да стигне до рекордниот 21 гранслем-трофеј со кој би ги надминал најголемите ривали Роже Федерер и Рафаел Надал (сите тројца моментно имаат по 20 трофеи).
Првиот гранслем-турнир сезонава, Австралија опен, ќе се одржи од 17 до 30 јануари.