Претходно само Русинката Јулија Ефимова има освојувано златни медали
во овие три дисциплини на СП
ПЛИВАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Лили Кинг победи во трката на 200 метри градно (2:22,41 минути) на Светското првенство (СП) во Будимпешта, Унгарија, и стана првата американска пливачка што освоила златни медали на 50, 100 и на 200 метри градно на СП.
На СП 2107 и 2019, Кинг освои две злата, на 50 и на 100 метри, и ќе има можност да го повтори тоа вечерва во трката на 50 метри. Претходно само Русинката Јулија Ефимова има освојувано златни медали во овие три дисциплини, на СП во 2009 и 2013 година на 50 метри, на СП во 2015 година на 100 метри и на СП во 2013, 2017 и 2019-та на 200 метри градно.
Во машка конкуренција, двајца пливачи беа најблиску до постигнувањата на Кинг и на Ефимова. Тоа се Американецот Брендан Хансен и Јапонецот Косуке Китаџима, кои освоија светски титули на 100 и на 200 метри градно, но на 50 метри најдобри пласмани им беа на второто место (Хансен 2007) и на третото (Китаџима 2005).
Русинот Евгениј Рилов поседува два златни медала, на 200 метри грбно, како и сребра на 50 и на 100 метри од СП во 2019 година, а Австралиецот Мајкл Клим освои злато на 200 метри слободно, сребро на 100 метри и бронза на 50 метри слободно на СП во 1998 година.
На Олимписките игри (ОИ) во Сиднеј во 2000-та, Холанѓанецот Петер ван ден Хугенбанд освои две злата, на 100 и на 200 метри и бронза на 50 метри слободно. Две пливачки, Австралијката Ема Мекеон и Швеѓанката Сара Сјостром имаат освојувано медали на ОИ на 50, 100 и на 200 метри слободно. Л.Д.