ГОЛЕМА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА ЗА 2024 ГОДИНА
Големата шаховска турнеја е серија од меѓународни настани за најдобрите играчи во светот. На првиот турнир годинава, од вкупно петте, кој се играше во забрзан и во брз шах во мај, вкупен победник беше Карлсен. Американскиот велемајстор Каруана победи на вториот турнир, по драматичниот последен ден, во класичен шах, во Букурешт. Следниот турнир е во Загреб, од денеска, во забрзан и во брз шах
Американскиот велемајстор (ВМ) Фабиано Каруана победи по драматичниот последен ден на супертурнирот во класичен шах од Големата шаховска турнеја, кој се одржа во Букурешт (Романија). Првиот од двата класични турнира беше со 10 играчи, од кои Романецот Богдан Даниел Деак настапи со вајлд-карта и кои се натпреваруваа за вкупен награден фонд од 350.000 долари (за победникот 68.750 долари), информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Каруана поведе по четвртото коло и го задржа тоа место до почетокот на последното, кога претрпе пораз од Холанѓанецот Аниш Гири, што им овозможи на Алиреза Фирузја од Франција и Индијците, претендентот за светски првак Домарају Гукеш и Прагнананда Рамешбабу, да се израмнат на првото место. Сите други партии од последното коло завршија со реми, па вкупно четворица шахисти имаа ист број поени на првата позиција, што доведе до тоа да се игра т.н. тајбрејк, со дуели со забрзано темпо на игра за да се одреди конечниот победник.
Иако 38 од 45 класични партии на главниот турнир завршија со реми, сите партии во тајбрејкот завршија со победи. Славеникот Каруана, кој се смета дека не е толку добар со побрзите контроли на времето, одлично го помина овој брз шаховски тест, славејќи во сите три партии, со што ја освои и првата награда. Фирузја загуби од Каруана, но постигна две победи и го освои второто место, а Прагнананда и Гукеш беа на третото и на четвртото место.
На првиот турнир од вкупно петте од оваа Турнеја, кој се играше во забрзан и во брз шах во мај, вкупен победник беше Норвежанецот Магнус Карлсен. Следниот турнир е во Загреб, од денеска, во забрзан и брз шах. Големата шаховска турнеја е серија од меѓународни настани за најдобрите играчи во светот.
Воведната Голема шаховска турнеја се одржа во 2015 година како серија од три турнири со класично темпо во кои форматот и условите на секој турнир беа идентични. Во 2016 година, Турнејата беше подобрена со додавање турнири во забрзан и брз шах и оттогаш таа се проширува секоја година. До денес, вакви турнири се одржани во Норвешка, Франција, Белгија, САД, Англија, Брегот на Слоновата Коска, Индија, Романија, Полска и во Хрватска, пишува ФИДЕ.
Конечна табела на турнирот во Букурешт, регуларен дел: Каруана, Фирузја, Прагнананда, Гукеш, сите по пет поени, Непомнијашчи, Гири, Вашер-Легрев, сите по 4,5, Со, Абдусаторов по четири, Деак 3,5. Г.И.