Фото: Емил Јовановиќ

На македонската листа и понатаму водат ВМ Кирил Георгиев и ЖФМ Весна Секуловска

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА НОЕМВРИ

Поранешниот петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, останува број еден и на ноемвриската ранг-листа со 2.829 рејтинг-поени, иако загуби 10 поени во однос на октомври. Вториот на листата, Американецот Фабијано Каруана (2.795), освои нови девет поени, благодарејќи на триумфот на Првенството на САД, а со добар резултат на отворениот турнир во Ман, кој е во тек, може повторно да ја пробие бариерата од 2.800 поени. Актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.780), остана трет, четвртата позиција ја задржа и Американецот Хикару Накамура (2.778), иако загуби два поена, додека петти е Французинот Алиреза Фирузја (2.777). Огромна добивка од 25 поени забележа Иранецот Пархам Магсодлу (2.732), кој напредуваше од 33-то на 18-то место, по добрите настапи на Азиските игри и на турнирот во Катар.
На женската листа, Русинката Александра Горјачкина (2.567, плус девет) и актуелната светската првенка, Кинезинката Венјун Ју (2.560), ги заменија местата зад убедливо водечката Кинезинка Јифан Хоу (2.632, плус четири).
Кај македонските шахисти и понатаму прв е ВМ Кирил Георгиев (2.546, плус 10 поени), а го следат ВМ Трајко Недев (2.474), ИМ Филип Панчевски (2.441, минус 14), Александар Чоловиќ (2.439, плус три), ИМ Дејан Стојановски (2.430)… ИМ Никола Николовски напредуваше две места и сега е деветти (2.405, плус 23), а ВМ Звонко Станојоски (2.392, плус 28) од 14-то се искачи на осмото место итн.
Кај шахистките и понатаму води ЖФМ Весна Секуловска (2.067), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.047) и ЖИМ Габриела Коскоска (1.989). Ивана Манова (1941, плус 16) е петта, а нови 26 поени освои Моника Жежовска (1.722), која сега е на 11-то место.
Македонија (мажи) на светската ранг-листа остана на 57-то место, (2.430, минус еден поен), а Македонија (жени) на 58-то (1.900). Во светот водат шахистите на САД (2.722, минус осум), пред Индија (2702, минус еден) и Русија (2.688). Кај шахистките прва е Кина (2.480, минус еден), пред Индија (2.428, плус еден) и Русија (2.398, минус три поени). Г.И.