Фото: Емил Јовановиќ

На Мундијалот настапуваат вкупно 178 шахисти, меѓу кои има петмина што се меѓу првите 10 на декемвриската рејтинг-листа на ФИДЕ, како и 98 шахистки, а исто така играат пет шахистки од водечките 10 на рејтинг-листата на ФИДЕ

ПО ПРВИОТ ДЕН НА СП ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Првиот ден на Светското првенство (СП) во забрзан шах (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег по играч) во Казахстан и одиграните пет кола, заврши со четворица лидери што имаат по 4,5 поени. Тоа се актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, Русинот Владимир Федосеев, Индиецот Арјун Еригаиси и Холанѓанецот Жорден ван Форест.
Настапуваат вкупно 178 шахисти, меѓу кои има петмина што се меѓу првите 10 на декемвриската светска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Кај жените, Русинката Валентина Гунина е сама во водство со четири поени од толку партии во конкуренција на 98 шахистки, а исто така играат пет шахистки што се меѓу првите 10 на рејтинг-листата на Светската шаховска федерација.
Половина поен заостануваше група од 10 играчи, во која беа Холанѓанецот Аниш Гири, Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда, како и двократниот победник на турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во класичен шах, Русинот Јан Непомнијашчи и бранителот на титулата во оваа категорија Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов.
Дербито на денот се одигра во четвртото коло, кое во голем стил го доби Карлсен, победувајќи го Абдусаторов, играјќи невообичаено прв потег со пешакот на б3 (и во двете партии кога играше со бели фигури), исто како некогаш феноменалниот Роберт Фишер, а подоцна спроведе и силен напад по г-линијата со своите топови.
Вчера се играа нови четири кола, а денеска на програмата се уште четири рунди, по што ќе се знаат новите светски прваци во забрзан шах. Актуелни планетарни шампиони во забрзан шах од Светското првенство играно во 2021 година се Абдусаторов и Русинката Александра Костењук, а во брз шах (годинашниот Мундијал почнува утре) Французинот Максим Вашер-Леграв и Казахстанката Бибисара Асаубајева. Г.И.