Фото: Емил Јовановиќ

За Карлсен, актуелен светски првак во класичен шах, тоа е четврта титула во забрзан шах. Во женска конкуренција златото првпат ѝ припадна на поранешната светска првенка во класичен шах Тан Жонгји од Кина

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАБРЗАН ШАХ

По три дена и одиграни 13 кола во машка и 11 во женска конкуренција, во Алмати (Казахстан) заврши Светското првенство (СП) во забрзан шах (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег по играч), а нови планетарни шампиони станаа Магнус Карлсен од Норвешка и Тан Жонгји од Кина. Од вчера се игра и СП во брз шах.
За актуелниот светски првак во класичен шах, Карлсен, ова е четврта титула во забрзан шах, по триумфите во 2014, 2015 и 2019 година. Норвежанецот беше и втор во 2012 година и трет во 2016 и во 2021 година. Подиумот го комплетираа Германецот во подем Винсент Кејмер, кој е втор, и Американецот Фабиано Каруана како трет, и двајцата со по 9,5 поени. Карлсен освои 10 поени (осум победи, четири ремија и само еден пораз). Сепак, можен беше тајбрек за титулата, ако Кејмер во последното коло го победеше Французинот Максим Вашер-Леграв, но по голема борба партијата заврши со реми, што му одговараше на Карлсен, кој, пак, во 13-то коло во голем стил го победи поранешниот светски јуниорски шампион, Иранецот Пархам Магсодлу. Бранителот на титулата, младиот Узбекистанец, Нодирбек Абдусаторов, го освои 10-то место.
– Ќе престанам да освојувам светски првенства кога ќе ме спречи некој. Ова беше тежок турнир и беше тешко да се победи. Се чувствував смирено во паријата со Каруана, а по поразот од Артемиев. Проблемот што го имав кон крајот на турнирот беше тоа што снемав доволно сили – изјави Карлсен.
Возбудливо беше и на женскиот шампионат, откако Жонгји ја победи Казахстанката Динара Садуакасова, но со победа во тајбрејк, во брз шах, и со тоа ја освои својата прва светска титула во оваа категорија, откако и двете шахистки го завршија турнирот непоразени и со по 8,5 поени. Ова е прво злато за Кина во оваа конкуренција од 2018 година.
– Настанот уште не е завршен, следува мојот омилен дел, а тоа е турнирот во брз шах. Затоа, за прославата ќе размислувам во новата година – рече Жонгји, поранешна светска првенка во класичен шах.
Четири шахистки освоија по половина поен помалку од Жонгји и од Садуакасова, но 15-годишната Индијка Савит Шри ја освои бронзaта, оти имаше најдобар дополнителен критериум, а потоа се пласираа Русинката Александра Горјачкина, Казахстанката Жансаја Абдумалик и Индијката Химпи Конеру. Ланската светска првенка Александра Костенјук го освои деветтото место, со 7,5 поени. Г.И.


СВЕТСКИ ПРВАЦИ ВО ПРЕТХОДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

ГОД. МАЖИ ЖЕНИ
2012 Сергеј Карјакин (Русија) Антоанета Стефанова (Бугарија)
2013 Шахријар Мамеѓаров (Азербејџан) не се одржа
2014 Магнус Карлсен (Норвешка) Катерина Лагно (Русија)
2015 Магнус Карлсен (Норвешка) не се одржа
2016 Василиј Иванчук (Украина) Ана Музичук (Украина)
2017 Вишванатан Ананд (Индија) Ју Венјун (Кина)
2018 Данил Дубов (Русија) Ју Венјун (Кина)
2019 Магнус Карлсен (Норвешка) Химпи Конеру (Индија)
2020 не се одржа не се одржа
2021 Нодирбек Абдусаторов (Узбекистан) Александра Костењук (Русија)
2022 Магнус Карлсен (Норвешка) Тан Жонгји (Кина)