На македонските листи први се Евгени Романов и Моника Стојковска. Индија има пет шахисти меѓу првите 20 во светот, а кинеските шахистки ги заземаат првите пет позиции
ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ЈУНИ
Магнус Карлсен од Норвешка и Хоу Јифан од Кина продолжуваат да бидат на врвот и на најновата јунска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а актуелниот светски првак Индиецот Домарају Гукеш останува најдобар јуниор. Карлсен и Американецот Хикару Накамура се цврсто на првите две места, Гукеш падна од третото на петтото место, Индиецот Арјун Еригаиси и Американецот Фабијано Каруана се искачија за едно место. Индија продолжува да импресионира, со пет играчи што сега се меѓу првите 20 во светот.
Кинеските шахистки продолжуваат да доминираат на ранг-листата, заземајќи ги првите пет позиции. Највисокорангираната Јифан Хоу ја предводи листата, а следуваат светската првенка Венјун Ју и Леи Тингџие. Жу Џинер и Тан Жонгји освоија поени и напредуваа, а Индијката Хампи Конеру падна на шестото место. Од другите посилни шахистки што освоија рејтинг-поени, меѓу најдобрите се Украинката Ана Музичук (седма) и Казахстанката Бибисара Асаубаева (10-та).
На македонската машка листа и понатаму прв е ВМ Евгени Романов (рејтинг 2.585), но сега со 14 рејтинг-поени помалку во однос на мај. И на женската листа без промени, прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.067). Екипно, Македонија, мажи, напредуваше за едно место и сега е 55-та, со просечен рејтинг на првите 10 шахисти од 2.423 поени (еден помалку во однос на мај), а шахистките останаа 65-ти (со два поена повеќе,1.966), од вкупно 201 шаховска федерација во светот. Кај мажите први и понатаму се САД (2.728), пред Индија (2.727) и Кина (2.673), а кај жените неприкосновена е Кина (2.488), пред Индија (2.412) и Украина (2.390). Г.И.