ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ОКТОМВРИ
- На македонските листи доминираат Романов во машка и Стојковска во женска конкуренција
Поранешните светски прваци, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен (2.839 рејтинг-поени) во машка и ВМ од Кина Јифан Хоу (2.617) во женска конкуренција и во октомври се први на ранг-листите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Кај шахистите втор е Американецот Хикару Накамура (2.816) и е единствен покрај Карлсен со повеќе од 2.800 поени. Трет е неговиот сонародник Фабијано Каруана (2.789), од петтото на четвртото место се искачи Индиецот Арјун Еригаиси (2.773), а за едно место падна и сега е петти, Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.771). Светскиот првак, Индиецот Домарају Гукеш (2.752), падна од шестото на 15. место. Кај шахистките, од четвртото на второто место се искачи Жу Џинер (2.569), трета е Леи Тингџие (2.566), светската првенка Венјун Ју (2.564) падна од второто на четвртото место, сите од Кина, а од осмото на петтото се искачи Русинката Александра Горјачкина (2.541).
На македонската машка листа без промени меѓу првите пет. Води ВМ Евгени Романов (2.567), пред ВМ Трајко Недев (2.469), ИМ Филип Панчевски (2.430), ИМ Дејан Стојановски (2.412) и ВМ Александар Чоловиќ (2.407). Меѓу првите 100 само кај седуммина има промена на рејтингот, од кои двајца го зголемија, и тоа ВМ Никола Митков (2.395, плус шест поени) и сега е осми и Михаил Јорданов (2.249, плус пет), кој напредуваше едно место и е на 21-то место.
На првите пет места на активната листа кај шахистките има само една промена. Прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.076), а потоа се ЖФМ Ивана Манова (2.010), ЖИМ Габриела Коскоска (2.002), ЖФМ Моника Жежовска (1.996), а за едно место напредуваше Драгана Николовска, која сега е петта (1.898). Меѓу 31 на листата, кај шест има промена на рејтингот, а најмногу поени (плус шест) освои Елисавета Бурнс (1.494) и сега е 25-та.
Екипно, шахистите останаа 55-ти, со просечен рејтинг на првите 10 од 2.424 поени, а шахистките се 68. со 1.927. Кај мажите први и понатаму се САД (2.720), пред Индија (2.717) и Кина (2.666), а кај жените неприкосновена е Кина (2.494), пред Индија (2.402), Грузија (од четвртото се искачи на третото место, 2.372)…, меѓу 201 шаховска федерација. Г.И.