Конечното одобрување на дополнителните дисциплини што ќе ги вклучи ОК на ЛОИ во Лос Анџелес 2028 се очекува да биде направено на Сесијата на ИОК во Мумбај следната година
Каратето се враќа на ЛОИ 2028?
Со оглед на тоа што до Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз има уште две години, веќе се зборува за Игрите во 2028 година, кои треба да се одржат во Лос Анџелес (САД), и за потенцијалните нови спортови, кои би можеле да се додадат.
Во 2023 година, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе треба да одлучи дали ќе ги врати спортовите како што се кревањето товар, петобојот, боксот, каратето, во почетната програма за 2028 година. Вкупниот број на спортови е 28, вклучувајќи ги тука и качувањето, скејтбордингот и сурфањето, кои ќе се појават на ЛОИ во Париз. Сепак, може да се додадат и нови спортови, сѐ додека бројот на спортисти достигне вкупно 10.500. Самбото, летачкиот диск и текболот, кои покажаа интерес за учество на ЛОИ во 2028 година, забележливо ги нема на списокот.
Девет меѓународни федерации се поканети да конкурираат за ЛОИ во Лос Анџелес, при што, на пример, крикет-федерацијата (ИЦЦ) ќе треба да го претстави својот натпреварувачки и спортски модел овој месец.
Но има уште други спортови што се во трка за настап на ЛОИ, а тоа се: брејкденс (Светска танцова спортска федерација), бејзбол/софтбол (ВБСЦ), карате (ВКФ), кикбокс (ВАКО), сквош (ВСФ), мотоспорт (ФИА)…
Каратето, кое е особено значајно за Македонија повторно да биде на ЛОИ, оти има многу успеси, го имаше своето деби во Токио 2020, но ќе отсуствува во Париз во 2024 година. Кикбоксот и сквошот никогаш не биле дел од ЛОИ.
Конечното одобрување на дополнителните дисциплини што ќе ги вклучи Организацискиот комитет (ОК) на Лос Анџелес 2028 се очекува да биде направено на Сесијата на ИОК во Мумбај следната година.
ЛОИ 2028 треба да започнат на 14 јули и да траат до 30 јули, што е најрано отворање на едни ЛОИ по Игрите во 1924 година во Париз, кои започнале на 5 јули. Г.И.