ЦЕВ

Гала-свеченоста на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), одржана во Центарот за ликовни уметности во Брисел, беше идеална можност да се прослават најновите достигнувања, а особено главните ѕвезди на спортот, пишува ЦЕВ на својата интернет-страница.
Списокот на наградени е импресивен, почнувајќи од одбојкарите на годината, Камил Семениук во машка и Изабел Хаак во женска конкуренција. Надворешниот напаѓач од Полска во почетокот на годинава ја освои својата втора титула по ред во Лигата на шампионите со ЗАКСА од Полска и освен што доминираше во домашните натпреварувања со неговиот поранешен клуб, тој постигна голем успех и со репрезентацијата на Полска, неодамна освои сребрен медал на Светско првенство на домашен терен, пишува ЦЕВ. Швеѓанката Хаак, од друга страна, му помогна на Вакиф-Банк Истанбул да победи во сите натпреварувања во кои се натпреваруваше во сезоната 2021/2022, подигнувајќи дури пет трофеи, вклучувајќи ја и рекордната петта круна во Лигата на шампионите.
Нивните соодветни поранешни тренери на клупско ниво, Георге Крету и Џовани Гуидети, ги добија признанијата за најдобри тренери на годината на машки и на женски тим. Ова не е прва ваква награда за Гуидети, кој му помогна на Вакиф-Банк, како и на националните тимови на Германија, Холандија и на Турција, да постигнат успеси, а Крету уживаше во својот најголем триумф досега на Суперфиналето во Љубљана додека беше на чело на ЗАКСА.