Од ракометното минато (4)
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (373)
- Првата женска ракометна екипа беше формирана во рамките на СД Работник во Битола. Ученичката во Економскиот техникум, Блага Митрева, беше првата што ги повлече и девојките да играат ракомет
По формирањето на ракометната екипа во рамките на СД Работнички, ракометната игра сѐ почесто се споменуваше во спортските кругови. За да не се остане само на лаичкото познавање на новиот спорт, туку и да се зачекори во него посериозно, Спортскиот сојуз на Македонија организирал семинари на кои најчесто предавач бил загрепчанецот Златко Малчиќ. Тој уште од времето кога почнала да се игра т.н. хазена бил вклучен во овој спорт и може да се каже дека бил меѓу првите обучени тренери на поранешните простори на Југославија. Тој ги посетувал центрите и држел предавања на кои биле присутни сите заинтересирани за ракометот, а, што е нормално, најмногубројни биле наставниците по физичко воспитување. Меѓутоа, има еден интересен податок изнесен во книгата на Славко Матовски, поткрепен со документи и изјави на сведоци од тоа време, со кој практично се негира тврдењето во Монографијата на Ракометниот сојуз на Хрватска, оти загрепчанецот бил првиот што одржал тренинзи и ги запознал македонските спортски работници со ракометот. Имено, Матовски во својата книга има напишано дека уште пред неговото доаѓање во Македонија, ракометот бил присутен на нашите простори. Па, еве и еден цитат од неговата книга, кој го негира тврдењето во хрватската ракометна монографија оти Златко Милчиќ бил првиот што ги одржал тренинзите во Македонија, цитирам: „Првите тренинзи членовите на Работнички ги одржуваат 11 месеци порано, односно во септември 1948 година. Покрај тоа, хронологијата на настаните зборува дека пред доаѓањето на Милчиќ во Македонија, август 1949 година, во мај и јуни екипи од Македонија настапуваат на сојузни ракометни приредби, екипата на скопскиот Универзитет на Вторите студентски игри во Белград, машката сениорска екипа на Работнички на Првото државно клупско првенство во Загреб, младинската репрезентација на Македонија на Сојузниот турнир во Загреб, настани што претходно се опишани во нашата монографија. Улогата на ракометните работници од Хрватска е значајна за развојот на ракометот во поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, меѓутоа почетокот на ракометот во нашата Република исклучиво е заслуга на македонските спортски кадри, членови на спортското друштво Работнички“, крај на цитатот.
Инаку, придонесот на Милчиќ во македонскиот ракомет е голем. Така, по неговиот прв семинар во 1949 година, многу посетители на тој семинар ја почнуваат пионерската работа и почнуваат да формираат клубови во своите места.
Две битолчанки – први ракометарки
Интересно за овој период е и тоа што две девојки почнуваат да ги анимираат своите другарки и тие да се вклучат во „новиот“ спорт. Првата од која потекна оваа иницијатива беше битолчанката Блага Митрева, ученичка во Економскиот техникум. Таа и нејзината другарка Нада Митрева, ученичка во Средено-фискултурното училиште во Загреб, која во тоа време се наоѓала на училишен распуст, ги собрале заинтересираните девојки за ракометот, претежно ученички во Економскиот техникум и во гимназијата во Битола, и ја формирале првата женска ракометна екипа во Македонија во рамките на спортското друштво „Работник“.
Оваа иницијатива на двете амбициозни битолчанки не само што била прифатена со симпатии туку била и поддржана од спортските фактори во тоа време. Сите биле единствени во тоа оти на Македонија ѝ треба женски ракомет, кој требало што побрзо да се имплементира и во наставната програма по фискултура (терминот физичка култура многу подоцна беше воведен во спортската терминологија), особено во средните училишта. Сите што биле задолжени од тогашната влада на Републиката за развој на спортот биле единствени оти ракометот, покрај атлетиката, која живееше најмногу благодарение на кросовите, може да биде еден од најсоодветните спортови за женската младина. И навистина било така. Откако во Битола заживеа женскиот ракомет, тој почна да се шири многу брзо и во другите средини. За кратко време се формирале прво женски ракометни секции, а потоа и клубови. Така почнало да се размислува и за системот на натпревари, кој почнал со организирање турнири, а потоа, откако бројот на клубови се зголемил, била организирана и лига. Впрочем самиот факт што Македонија, навистина многу подоцна, дури по половина век, во 2002 година преку Кометал Ѓорче Петров доби и европски шампион, потврдува оти ангажирањата на ракометните работници што ја согледале перспективата во женскиот ракомет не биле залудни.
На 23 ноември 1949 прв официјален натпревар
Сега, повторно се навраќам на машкиот ракомет и на случувањата во него точно на средината од минатиот век. Со враќањето на Славко Матовски во Скопје, кој тогаш беше апсолвент на ДИФ во Белград, се почувствувало едно големо раздвижување во ракометот. Тој беше човек што не знаеше да мирува и беше полн со енергија. Голема особина му беше што никогаш не потклекнуваше пред проблемите и не се предаваше. Неговото враќање дома го почувствуваа сите, особено момчињата што веќе беа определени за ракометот. Славко стана мотор на сите активности. По негова иницијатива, покрај РК Работнички во рамките на скопскиот Универзитет, со голема помош и поддршка од студентот Мите Панов, кој веќе беше инволвиран во ракометот, се формира уште еден клуб, РК Студент. Тогаш двата веќе официјализирани клуба за голем ракомет го организираат и првиот меѓусебен натпревар, кој предизвикал големо интересирање и речиси ги наполнил трибините на Градскиот стадион во Скопје. Инаку, за хроничарите на спортот, а и од аспект на спортската историја на Македонија, да напоменеме оти првиот дуел во голем ракомет се одиграл на 23 ноември 1949 година. Мечот завршил со победа на Работнички со 6-3. Гледачите очигледно биле задоволни од демонстрирањето на големиот ракомет и очекувале и понатаму да се одржуваат вакви натпревари. Тоа било охрабрувачко за Славко и за неговиот најблизок соработник Никола Таневски-Јанди, со несамалено темпо да продолжат со активностите.
За да не останат празни верувањата на Славко кон симпатизерите на спортот, на негова иницијатива на крајот на 1949 година, во чест на Денот на Републиката, 29 Ноември, во Скопје се организирал турнир меѓу три екипи, Работнички, Студент и Железничар од Ниш. За настапот на турнирот Славко во неговата книга има напишано: „Сакавме да прикажеме дека ракометот има добра перспектива кај нас во Македонија“. Пред голем број гледачи на Градскиот стадион во Скопје во првиот натпревар од турнирот во една квалитетна и борбена игра, пишува во книгата, Работнички го победил Железничар со 8-6. Ова беше показател оти екипата на Работнички перманентно напредува и се подготвува за уште поголеми дострели.
Во вториот меч од турнирот Железничар беше подобар од Студент, па тоа беше причина Студентите да не се појават на третиот натпревар против Работнички, што било оквалификувано како некоректен гест на Студент кон другите учесници на турнирот и пред сѐ кон гледачите.
Ракомет и во две средни училишта во Скопје
Очигледно било оти младите биле импресионирани од ракометот, па веднаш потоа тој почнал да се практикува во две средни училишта во Скопје. Станува збор за Машката гимназија, во која по иницијатива од учениците што веќе настапувале за Работнички, се формирала секција за ракомет, а второто било Средно-техничкото училиште, во кое иницијативата за ракометната секција потекнала од познатиот професор по фискултура Војо Ѓорѓевиќ. Тој бил одушевен од новата игра, па затоа итно презел чекори за формирање секција во неговото училиште, а со огромна радост кај учениците, но и кај наставниците, иницијативата веднаш била прифатена. Потоа, како што е тоа вообичаено во секој спорт, почнуваат да се раѓаат нови секции и клубови. Така, третата секција за ракомет во Скопје била формирана во рамките на СД Милиционер.
Нема сомнение оти младината била многу заинтересирана за големиот ракомет, па затоа кон крајот на годината се размислувало веќе во следната 1950 година да се организира и републичко првенство, од кое најдобриот ќе се пласира во југословенската сојузна лига. Овој момент придонел за уште поголемо ангажирање на вклучените во големиот ракомет, да не попуштаат и да продолжат да се борат за создавање што подобри услови за работа и за тренинг на веќе формираните секции и клубови.
































