Бидејќи кајакарскиот спорт се негуваше уште пред Втората светска војна, низ него поминаа многу генерации во кои имаше и големи шампиони. Природните услови овозможија паралелно да се негуваат кајакот на мирни и кајакот на диви води. Потсетување на првите клубови и на луѓето што дадоа голем импулс овој спорт да заземе видно место во спортскиот живот во Македонија
Поглед кон минатото (3)
Минатите два текста, посветени на кајакарскиот спорт во Македонија, само укажуваа на фактот какво значење имаше овој спорт во вкупното спортско живеење кај нас. Благодарејќи на природните услови, Македонија стана земја што имаше шанса еднакво да ги негува кајакот на мирни води, со кој всушност почна да се практикува кајакарството, и кајакот на диви води. Нема да откријам ништо ново, ако кажам оти покрај природните езера, Охридско, Преспанско и Дојранско, нашата држава има и голем број вештачки езера чии водни ресурси се од повеќекратно значење. Гледајќи од економски аспект, езерата даваат можност за изградба на електросистем (централи), а во сушните месеци и за наводнување на земјоделските посеви. Но ништо помала нема да биде користа доколку овие природни богатства, како што е тоа случај во другите земји, па и кај нашите соседи, со еден разработен концепт не се вклучат во туристичката понуда во која свое место би нашле и спортски активности. Ова второто можеби не е толку значајно како првото, кое е директно поврзано со егзистенцијата, но второто, пак, е корисно за да се има еден здрав живот, толку неопходен во ова наше современо битисување.
Во една ваква природна состојба, со богатството од реки и езера, Македонија може да биде привлечна туристичка дестинација. А токму тоа, кога би се вкомпонирало со некаква спортска понуда, би значело и економски бенефит. Ова го споменав како укажување на нешто на што треба сериозно да се размисли. Но иако сакам и за ова да пишувам, да не се оддалечувам од темата и да се вратам на кајакарскиот спорт и неговиот развој кај нас.
Почетоци преку Бродарско-поморскиот сојуз на Југославија
Во поранешна Југославија на ниво на целата држава за водните спортови, освен пливањето, функционираше и ги опфаќаше сите активности Бродарско- поморскиот сојуз. Под негов патронат, покрај кајакарството беа вклучени и мотонаутиката, скијањето на вода и едриличарството. Дури многу години подоцна во секој од овие спортови беше формиран посебен сојуз. Така, со оглед на новонастанатата ситуација, и во Македонија дојде до преструктурирање и како посебни сојузи се формираа Кајакарскиот, а потоа и Сојузот за мотонаутика, скијање на вода и едрење. Со еден збор, секој од овие спортови почна да работи во рамките на сопствениот сојуз, преку кој беа насочувани сите понатамошни активности. За ваквата преродба би рекол, убаво пишува, за жал, покојниот Душко Симоновски, кој се смета за еден од основоположниците на кајакарскиот спорт во Македонија. Тој во својата книга посветена на историјата на кајакот кај нас опфаќа еден период од седумдесетина години, со што може да се заклучи оти ова негово пишано дело има историско значење.
Јас како новинар имав можност да соработувам со Душко уште од годините кога двајцата бевме членови на Организацискиот комитет на Светското кајакарско првенство во Македонија, одржано на реките Треска (слалом) и Радика (спуст) во далечната 1975 година. Тогаш видов колку е тој упатен и со колкава љубов ги внесуваше сите податоци за кајакарскиот спорт, што во некое идно време, како сега на пример, можат да бидат многу корисни за осознавање на вистината. Благодарејќи на она што го пишува во книгата и јас извадив многу податоци за да можат на ваков начин преку текстови во печатот да стигнат и до пошироката читачка публика.
Ќе ја искористам пригода, покрај споменување на имињата на оние првите што ги удрија темелите на кајакарскиот спорт за некои од нив веќе пишував, да споменам многу други имиња меѓу кои имаше и големи шампиони, кои, за жал, како што поминува времето малку се подзабораваат. Откако ќе ги прочитате имињата на оние што во своите градови ги удриле темелите на кајакарскиот спорт, ќе добиете јасна слика зошто кајакарскиот спорт на времето, па и сега, заземал високо место во целокупното наше спортско живеење. Тоа се авторитетни личности, стопанственици и општествено-политички работници, почитувани и ценети во своите средини, луѓе што почувствуваа оти потенцијалот што го нуди овој спорт треба да се искористи.
Клубовите никнуваа како печурки
Нешто пред 50-тите години на минатиот век, како во сите спортови така и во кајакарството, онаму каде што имаше услови клубовите никнуваа како печурки. Впрочем, оти ова навистина беше така, говори бројот на новоформираните клубови. Ова е убава можност за жителите од нашата држава да видат, а можеби и да се изненадат кога ќе прочитаат оти во нивното место (без оглед дали е град или село) некогаш имало кајакарски клуб.
Ќе се обидам да ги споменам клубовите по некој редослед, кој можеби нема да биде најпрецизен според тоа кој клуб кога се формирал, што во случајов не е ниту толку битно, зашто поентата е да видиме каде и во кој период заживеале кајакарските клубови.
Ако се изземат предвоените години за кои претходно пишував, егзистираа два клуба, Југ од Охрид и Вардар од Скопје. Откако помина воениот виор, како во сите области во поранешна Југославија, и во спортот, кој беше репер за претставување пред другите земји, почна многу да се вложува. Така, во сите спортови, меѓу кои и кајакарството, се забележа една зголемена активност, која, пак, придонесе да се зголеми бројот на клубовите и да се добие во масовност и во квалитет. По Втората светска војна најмногу почна да се вложува во фудбалот, кој беше најпривлечен за младите, но и за публиката. Меѓутоа, не треба да се сфати оти за сметка на него беа запоставени другите спортови. Напротив, на сите спортови им се даде шанса за развој и напредок, но кој како ќе напредува зависеше и од луѓето што се вклучуваа во него.
Така, би рекол кајакот во Скопје и воопшто во Македонија уште во првите повоени години доби многу приврзаници. Сите беа свесни оти она што ни го дала природата, реките и езерата, ќе треба максимално да се искористи не само од економски туку и од спортско-туристички аспект. Така, по иницијатива на неколкумина ентузијасти, во Скопје беше формиран кајакарскиот клуб Мирче Ацев, а негов прв претседател беше токму човекот што го споменав како автор на книгата за кајакарскиот спорт во Македонија, Душко Симоновски. Подоцна во градот се формира и КК Моша Пијаде, а речиси во исто време низ републиката почнаа да никнуваат и другите клубови. Интересирањето меѓу младите во местата каде што има услови за кајакарење, реки и езера, беше големо. Така, градските фактори просто беа принудени да формираат кајакарски клубови. Тогаш се родија клубовите Пеликан (Ресен), Бабуна (тогашен Титов Велес), Радика (Дебар), Тиквешко Езеро (Кавадарци), КК Скопје, Ласта (Ѓорче Петров), Саса (Македонска Каменица), Југ (Гевгелија), Зелениково (Скопје), Црн Дрим (Струга). За крај од ова набројување го оставив првоформираниот клуб по Втората светска војна, Стрмец од Охрид, чиј почеток беше означен на 8 јануари 1948 година, а негов прв претседател беше Димче Чаловски. Бидејќи од првите луѓе на клубовите зависеа сите активности, вреди да се споменат и личностите што ја потпалија иницијалната капсла кајакарскиот спорт со брзи чекори да оди напред. Еве ги имињата на првите клупски претседатели: Александар Крстевски, Душко Симоновски веќе беше споменат, потоа Димитар Тодоровски, Рамадан Јонузи, Боре Алчев, Јован Сејфула, Јордан Грошевски, Томче Фотев, Тихомир Горјански, Крсте Ничевски, Томица Станковиќ, Сотир Опетчевски и Димче Чаловски.
Треба да се напомене оти за да има што повеќе активности и натпревари, во Скопје, во кој беше седиштето на Кајакарскиот сојуз на Македонија, чиј претседател беше еден од пионерите во овој спорт, Јурај Волак, беше формиран и Градски кајакарски одбор, со кој раководеше Никола Радуловиќ.
Активност на сите страни
Интересно е оти во почетокот на од 50-тите години на минатиот век се почувствуваа едно раздвижување и доближување на кајакарскиот спорт до младите. Во првиот период од развојот на кајакарскиот спорт, нормално, со оглед на потенцијалите што ги имаше Македонија, мислам на природните езера, тука беа насочени главните активности. Тоа само по себе говори оти кајакот на мирни води беше во предност, зашто на езерската шир без проблеми можеа да се лоцираат патеки и да се одржуваат натпревари. Но, со време, благодарејќи на големиот ентузијазам на луѓето што беа вклучени во овој спорт, и ова прашање беше решено. Иако немаше идеални услови, сепак, кајакарите се натпреваруваа на импровизирани патеки во градовите што беа лоцирани покрај Вардар.
Во Скопје патеката за слалом беше кај Градската плажа во паркот, која и денеска функционира како тренинг-центар за младите кајакари. Потоа беа поставени слалом-патеки во Велес и во Демир Капија, градови во кои имаше, па и сега има интересирање за кајакот. Условите не беа којзнае какви, но, сепак, имаше можност да се одржуваат натпревари. Едноставно, мораше од некаде да се почне. И добро е што беше така, зашто ако уште во почетокот дојдеше до некое разочарување, тогаш немаше ништо да биде од македонскиот кајакарски спорт. За среќа, спортските работници што беа вклучени во него не се предаваа, имаа визија и така не само што на Треска го изградија центарот Матка туку тој стана толку репрезентативен и популарен, што во него се одржаа светско и европско првенство.
Со ова го заокружувам делот посветен на почетоците на кајакарскиот спорт во Mакедонија. Следната недела ќе се потсетиме на некои од шампионите на мирни води, кои практично први се афирмираа надвор од Македонија, а ќе стане збор и за нашите асови во кајак на диви води, кои со години беа доминантни на просторите во поранешна Југославија.