ЏУДО

Скопскиот џудо-клуб Миоки освои шест медали на меѓународниот меморијален џудо-турнир „Милош Остоиќ“ во Сараево, БиХ. На турнирот во конкуренција на 910 натпреварувачи од девет држави, Миоки настапи со четири натпреварувачки во конкуренција на кадетки и на јуниорки. Притоа, во возрасната категорија до 18 години, златен медал освои Азра Заими (категорија до 52 кг), сребро Георгина Блажеска (до 48 кг), а бронза Ива Богдановска (до 57 кг). Во возрасната категорија до 21 година, повторно победи Заими, а сребра освоија Богдановска и Блажеска. Добар настап со три борби на татамите имаше Ханија Друштинац, која го освои петтото место. Кадетките на Миоки добија пехар за најуспешен клуб на турнирот.
– Ова беше еден од контролните натпревари пред планираното учество на Европскиот куп за кадети, во Копер, на 28 и на 29 октомври годинава. Засега сѐ е според планираното, но имаме уште многу да сработиме за да може да се очекува медал од некој врвен натпревар – вели тренерот на Миоки, Игор Паскоски. Г.И.