ШАХ

Актуелната светска првенка Ју Венјун од Кина поведе со 4-2 во натпреварот за титулата светска шаховска шампионка, на дуелот со сонародничката Тан Жонгји, откако победи во петтата и во шестата партија во Шангај (Кина). Според програмата, денеска шахистките ќе се преселат во Чонгкинг (Кина), каде што од недела е предвидено да се одиграат уште шест партии.
Вкупно треба да се играат 12 партии, а првата шахистка што ќе освои 6,5 поени ќе биде прогласена за победничка. Контролата на времето за секој натпревар е 90 минути за првите 40 потези, проследени со 30 минути за остатокот од дуелот, со зголемување од 30 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот.
Ако по 12 партии биде нерешено, 6-6, за титулата ќе се решава со партии со побрзо темпо на игра, и тоа прво во забрзан шах, а ако е потребно, потоа и во брз шах. Н.М.