Фото: ЕПА

ИОК ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026 (1)

Во пресрет на ЗОИ 2026, Интернационалниот олимписки комитет објави серија со која објаснува интересни детали за спортовите што се играат на мраз и на снег

  • Камењата за карлинг значително се променија од најраните запишани приказни за играта што се игра на замрзнатите езера и бари во Шкотска. Денес, големината на олимписките камења е стандардизирана. Сепак, некои од извонредните традиции продолжуваат да живеат во камењата што се користат на олимписките натпревари денес

Карлингот е еден од најпопуларните спортови на Зимските олимписки игри (ЗОИ), тоа е спорт што комбинира тимска работа и прецизност, како и сложени детални додатоци потребни за да се игра. Еден од нив е каменот за карлинг, кој им го привлекува вниманието на луѓето низ целата планета додека го гледаат како непречено се лизга по мразот, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), кој во пресрет на ЗОИ 2026 во Милано и во Кортина д’Ампецо објави серија со која објаснува интересни детали за спортовите што се играат на мраз и на снег.
Камењата за карлинг значително се променија од најраните запишани приказни за играта што се игра на замрзнатите езера и бари во Шкотска. Во своите претходни верзии, камењата доаѓаа во многу форми и големини, а играчите ја избираа најкорисната варијација, со цел да се смисли стратегија за победа. Денес, големината на олимписките камења е стандардизирана, при што секој тежи не повеќе од 19,96 кг и не помалку од 17,24 кг, со висина не помала од 114 мм. Сепак, некои од извонредните традиции продолжуваат да живеат во камењата што се користат на олимписките натпревари денес.
– Секој олимписки камен за карлинг доаѓа од овој мал остров покрај брегот на Шкотска, наречен Аилса Крег. И нема други камења за карлинг како каменот од Аилса Крег – објасни Ерика Браун, поранешна репрезентативка на САД, во статија во „Саентифик Америка“.
Камењата за карлинг традиционално се направени од гранит, материјал што се наоѓа низ целиот свет. Сепак, за спортот карлинг, ништо не може да ги замени уникатните својства на гранитот ископан од каменолом на островот Аилса Крег покрај брегот на Еаршир во Шкотска, пишува ИОК. Гранитот аилса крег е еден од најтврдите и најчисти што се наоѓаат во светот и ја задржува својата форма и покрај влажните услови на површината на мразот на кој се игра карлингот. Обичниот зелен гранит аилса крег се користи за создавање на телото на олимпискиот камен за карлинг. Син гранит, уште еден камен од Аилса Крег, потоа се поставува на телото за да се формира лентата за лизгање, што е делот од каменот што е во контакт со мразот. Отпорен на пукање и кондензација, материјалот совршено се вклопува во спорт каде што способноста на каменот да се лизга по површината на конзистентен начин е од најголема важност.
Аилса Крег е мал остров со обем од 3,2 км и се вели дека е формиран од вулкански ерупции, кои се протегаат десетици милиони години. Како што магмата брзо се ладела, таа формирала мазен гранит што ја сочинува површината на островот денес. Во посовремени времиња, островот, кој се наоѓа помеѓу Ирска и Шкотска, бил место на тврдина од 16 век, затвор од 18 до 19 век и, неодамна, светилиште за голем број видови птици.
Молекуларниот состав на аилса крег е тоа што го прави толку уникатно погоден за карлинг. Ниту една друга дестинација во светот не произведува гранит со мешавина од отпорност на топлина и влага и издржливост од овој мал шкотски остров, пишува ИОК.
Можеби Браун најдобро ја сумира магијата на Аилса Крег велејќи: „За нас, во карлингот, островот е мистично место“, пренесе Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.