По 12 партии резултатот е 6-6, вчера се играше 13-та партија, денеска е слободен ден, а утре е 14-та партија на програмата. Во случај на нерешен резултат по 14 партии, в недела ќе се игра т.н. тај-брејк со одигрување партии со забрзано темпо за размислување

ШАХ

Во меч исполнет со драматични пресврти Динг Лирен излезе како победник во 12-та партија од мечот со Јан Непомнијашчи за светската титула во шах. Со израмнувањето на Лирен и само уште две партии до крајот на регуларниот дел, трката за титулата е широко отворена, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
По 12 партии резултатот сега е 6-6 (секој шахист забележа по три победи, а шест партии завршија со реми). Вчера се играше 13-та партија, денеска е слободен ден, а утре е 14-та партија на програмата.
Во случај на нерешен резултат по 14 партии, в недела ќе се игра т.н. тај-брејк со одигрување партии со забрзано темпо за размислување. Прво се предвидени четири меча со по 25 минути по играч и зголемување од 10 секунди по секој потег. Ако одново е нерешено треба да се играат две блиц-партии со временска контрола од пет минути по играч и зголемување од три секунди по секој потег. Ако пак биде нерешено ќе се одигра уште еден мини-натпревар со истите услови за да се реши победникот на шампионатот. Ако двата блиц мини-натпревари се изедначени, ќе се игра еден меч со временска контрола од три минути по играч и зголемување од две секунди, а победникот ќе го освои шампионатот. Со ждрепка ќе се одлучи кој играч ќе игра со белите фигури. Доколку и таа заврши со реми, ќе се игра уште една блиц-партија, со обратни бои, со истата временска контрола, а победникот би ја освоил титулата. Овој процес ќе се повторува додека некој од играчите не победи.
Наградниот фонд е два милиони евра, од тоа 60 отсто за победникот и 40 проценти за второпласираниот ако дуелот заврши по 14 партии. Во случај титулата светски првак да се реши во тај-брејкот, победникот ќе добие 55 отсто, а второпласираниот 45 проценти од наградниот фонд. Н.М.