Калин Ивановски во мечот за пласман во полуфиналето, по голема борба во три сета, загуби од Шпанецот Педро Роденас, со 6-3, 6-7 и 4-6
На Вимблдон е извонредно, целово место е неверојатно. Доаѓам од мала земја, од Македонија, играњето тука и претставувањето на мојата земја многу ми значат. Многу сум горд што ја претставувам Македонија, прекрасно е чувството, изјави, меѓу другото, младиот, 18-годишен Калин Ивановски, кој играше во четврт-финалето на јуниорскиот турнир Вимблдон, за тенисери до 18 години.
Ивановски (42. на ИТФ ранг-листата за јуниори) во мечот за пласман во полуфиналето, по голема борба во три сета, загуби од Шпанецот Педро Роденас (30-ти на ИТФ ранг-листата), со 6-3, 6-7 и 4-6. Тој во претходните три кола ги победи Британецот Лук По, со 3-6, 6-4. 6-2, Мексиканецот Родриго Пачеко Мендес, со 6-1, 6-2, и Литванецот Едас Бутвилас, со 6-4, 5-7, 6-0.
За Ивановски, кој лани стигна до осминафиналето на Вимблдон, ова е најголем успех во кариерата. На гранслем-турнирите во таа возрасна категорија, лани во Њујорк (САД опен), а потоа и годинава во Мелбурн (Австралија опен) и во Париз (на Ролан Гарос) Ивановски играше во првото коло.
Само Стефан Едберг победил на сите четири јуниорски гранслем-турнири
Многу од денешните тенисери што настапуваат на гранслем-турнирот Вимблдон во Лондон некогаш се натпреварувале на јуниорскиот Вимблдон, но многу малку ги освоиле и јуниорската и сениорската титула во поединечна конкуренција, пишува гранслем-турнирот Вимблдон на својата интернет-страница.
Така, двојна титула освоиле Бјорн Борг (јуниорската титула ја освоил во 1972 година), Пет Кеш (1982), Стефан Едберг (1983), Роже Федерер (1998), Ен Џонс (1956), Карен Ханце (1960), Мартина Хингис (1994), Амели Морезмо (1996) и Ешли Барти (2011). Тенисерите што играат на јуниорскиот турнир на Вимблдон се на возраст помеѓу 14 и 18 години.
Едберг останува единствениот тенисер што го комплетирал „јуниорскиот гранслем“, со победи на сите четири јуниорски гранслем-турнири, пишува на интернет-страницата на Вимблдон.
Младинскиот турнир на Вимблдон се игра од 1947 година, кога почнал да се игра и јуниорскиот Ролан Гарос. Од четирите гранслем-турнири, прв младински турнир организирала Австралија опен, во 1922 година, а најмлад е јуниорскиот САД опен, кој се игра од 1973 година. Л.Д.