Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемениот интерес на учесниците и на клубовите на поединечните младински првенства на Македонија претходниве години се должи на зголемениот број шаховски тренери, зголемениот број клубови, како и поголемата ангажираност на ШФМ во младите категории шахисти. За тоа дека квалитетот е во постојан пораст се виде и од одиграните партии, вели македонскиот интернационален мајстор и професионален шаховски тренер Орце Данчевски

ПРВПАТ ПОВЕЌЕ ОД 100 НАТПРЕВАРУВАЧИ ИГРАА НА ПОЕДИНЕЧНИТЕ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Во Струга завршија годинашниве поединечни првенства на Македонија за млади шахисти и шахистки во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години, на кои беа видени возбудливи партии. Она што особено радува е фактот што во претходните осум години (исклучок се 2020 и 2021 поради пандемијата на ковид-19) има постојан раст на вкупниот број пријавени учесници, годинава првпат ја надмина и бројката од 100, а раст има и во бројот на клубови-учесници.
Лани на поединечните првенства на Македонија настапија 93 шахисти од вкупно девет клуба, а годинава 101 од 13 клуба. По категории, најмногу шахисти имаше до 14 години (16), а кај шахистките до 10 години (девет). На годинашниве првенства единствено немаше шахистки во категоријата до осум години.

Во однос на првенствата лани, титулата ја одбрани во својата категорија Никола Петровски (до 10 години) од клубот Гамбит Асеко СЕЕ и Моника Жежовска (до 14 години) од клубот Гамбит Асеко СЕЕ, а титула и годинава освоија, но во категорија погоре, Антон Златков (до 16 години) од МШК Центар и Илијана Велева (до 10 години) од ШК Алкалоид, која лани настапуваше за Прилеп.

– Зголемениот интерес на учесниците и на клубовите на поединечните младински првенства на Македонија претходниве години се должи на зголемениот број шаховски тренери што работат со младите шахисти, зголемениот број клубови, како и поголемата ангажираност на Шаховската федерација на Македонија во младите категории шахисти, како што беа последното испраќање на 15 учесници на Европското школско првенство во Црна Гора и учеството на младинските репрезентации на Македонија до 12 и 18 години на Европското екипно првенство во Солун. Овде би го истакнал и Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица, кои, исто така, инвестираат во младите шахисти, кои, пак, рамноправно се борат со своите врсници. За тоа дека квалитетот е во постојан пораст се виде и од одиграните партии, но секако дека пред нас претстои уште многу работа, ако сакаме да ги достигнеме поразвиените европски шаховски држави – вели македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и професионалниот шаховски тренер Орце Данчевски.

Клупски гледано, најмногу први места освои Гамбит Асеко СЕЕ, пет, од кои две кај шахистите и три кај шахистките, втор е Алкалоид (место Гамбит АСеко СЕЕ), со по две први места во двете конкуренции, а трет МШК Центар со две први места кај момчињата. Г.И.

МЛАДИНСКИ ПРВАЦИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА

МОМЧИЊА

КАТ. ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КЛУБ ПОЕНИ

до 8 г. Ма­теј Ди­ва­ни­сов Ал­ка­ло­ид 7/8
до 10 г. Ни­ко­ла Пе­тров­ски Гам­бит Асе­ко СЕЕ 7,5/9
до 12 г. Ан­дреј Ива­нов Ал­ка­ло­ид 7,5/8
до 14 г. Кри­сти­јан Ла­зов­ски Гам­бит Асе­ко СЕЕ 6,5/8
до 16 г. Ан­тон Зла­тков МШК Цен­тар 8/9
до 18 г. Ле­о­нид Пе­тре­ски МШК Цен­тар 5,5/7

ДЕВОЈЧИЊА

до 10 г. Или­ја­на Ве­ле­ва Ал­ка­ло­ид 8/8
до 12 г. Ива­на Вел­ко­ска Ал­ка­ло­ид 7/8
до 14 г. Моника Жежовска Гамбит Асеко СЕЕ 3/4
до 16 г. Ин­џи Ајра­ди­но­ска Гам­бит Асе­ко СЕЕ 5,5/6
до 18 г. Ми­ха­е­ла Зр­ма­нов­ска Гам­бит Асе­ко СЕЕ


БРОЈ НА УЧЕСНИЦИ

ГОД. ШАХИСТИ
2015 62
2016 66
2017 82
2018 82
2019 80
2020 63
2021 93
2022 101