МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ОРАН

Македонската женска одбојкарска репрезентација вчера го играше првиот натпревар против Египет, на Медитеранските игри (МИ) што се одржуваат во алжирскиот град Оран. На свеченото отворање на МИ, македонското знаме го носеа каратистката Симона Заборска и таеквондистот Дејан Георгиевски, освојувачот на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020.
Ова е трет настап на МИ за Македонија, која во Оран има 77 спортисти во 10 спорта, во осум во поединечна конкуренција (таеквондо, џудо, борење, карате, атлетика, пливање, стрелаштво и мечување) и во два екипни спорта (ракомет и одбојка). Претходно Македонија настапи на МИ во Мерсин (Турција), во 2013 година, со 159 члена, и во Тарагона (Шпанија) во 2018 година, со 72 члена. На двата досегашни настапа на МИ, Македонија освои вкупно 11 медали. Во Мерсин, сребрен медал освои борачот Дејан Богданов, а бронзени борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута. Во Тарагона, пак, со злато се закитија каратистот Берат Јакупи и борачот Магомедгаџи Нуров, со сребро таеквондистот Дејан Георгиевски, а со бронзи каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и борачот Дејан Митров.
На МИ во Оран ќе настапат околу 3.500 спортист(к)и од 26 држави, кои ќе се натпреваруваат во 24 спорта. Л.Д.