ВО ПРЕСРЕТ НА ИГРИТЕ ВО ПАРИЗ
На помалку од шест месеци до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз е најавена нова „фаза за издавање билети“, која почнува в четврток, објави Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Билетите за секој спорт ќе бидат пуштени во продажба, нудејќи можност да се видат Игрите во живо во некои од најпознатите места во Париз.
Новата фаза на издавање билети почнува истиот ден кога ќе бидат откриени медалите за ЛОИ 2024, пишува ИОК.
Сите билети ќе можат да се купат само од официјалната интернет-страница. Билетите за секој спорт ќе бидат пуштени во продажба в четврток, иако некои ќе бидат достапни во многу ограничен број, а 45 отсто од билетите ќе чинат помалку од 100 евра.
Оваа фаза на продажба на билети е отворена за сите, без лотарија, по принципот прв дојден прв услужен. Ќе бидат достапни и билети за церемониите на отворање и на затворање на Олимписките и на Параолимписките игри, пишува ИОК. Н.М.