Со многу зимски спортови, малку тенис и фудбал, но и рели-трки, спортистите ќе ја испратат 2022 година и ќе ја пречекаат новата година, со настани и на 31 декември и на 1 јануари.
Така, денеска, на последниот ден од 2022 година, активни ќе бидат фудбалерите во англиската Премиер-лига и во шпанската Ла лига, тенисерите на Јунајтед-купот во Австралија, младите хокеари на Светското јуниорско првенство во Канада, ќе се вози прологот на 45-то издание на релито „Дакар“ во Саудиска Арабија, првата делница на „Тур де ски“ во нордиско скијање, традиционален новогодишен деветдневен настан, 17-ти по ред, кој се одвива во три земји (Италија, Швајцарија и Германија), атлетски трки во Шпанија, Кина, Италија, Исланд…
Веќе утре, во првиот ден во 2023 година, одново англиски фудбал, но и фудбал од првенството на Франција, првата етапа на релито „Дакар“, втората станица на традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови, во Гармиш Партенкирхен, нови мечеви на тенискиот Јунајтед-куп, „Тур де ски“, Светскиот куп во боб, циклокрос во Белгија, атлетски трки во Јапонија, САД, Швајцарија…
Премиерлигашите продолжуваат со натпревари и на 2, 3, 4 и 5 јануари, во меѓувреме ќе има и фудбалски мечеви во Франција, Шпанија и во Италија, во вториот ден од годината е и традиционалниот „Зимски класик“, меч на отворено во хокеарската НХЛ-лига, релито „Дакар“ првиот ден за одмор ќе го има на 9 јануари, во првите неколку дена од годината ќе има трки во бијатлон, алпско скијање, тениски ВТА-турнир во Окленд, уште два натпревара од турнејата „Четири скокалници“ итн.
НЕКОИ СПОРТОВИ ДЕНОВИВЕ
31 декември
фудбал, тенис, хокеј, рели, атлетика, нордиско скијање…
1 јануари
фудбал, тенис, рели, нордиско скијање, атлетика, скијачки скокови…
2-9 јануари
фудбал, тенис, хокеј, рели, скијање, скијачки скокови…