ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ПО ТУРНИРОТ ВО ВАЈК АН ЗЕ
Светската шампионка Венјун се врати на втората позиција во рангирањето за шахистки, Гири скокна од 10-то на четвртото место, Ји првпат е деветти, Гукеш се искачи од 25-то на 16-то место, Абдусаторов од 22-то на 15-то на листата за шахисти. На македонската ранг-листа, Георгиев и Секуловска се на првите места
Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ја објави февруарската рејтинг-листа, на која најголема добивка кај првите играчи оствари Холанѓанецот Аниш Гири (2.762 рејтинг-поени), кој освои 13 нови поени и скокна од 10-то на четвртото место. Кинезот Веи Ји (2.755), победникот на турнирот во Вајк ан Зе, освои 15 поени, се искачи за седум места и првпат е деветти. Другите двајца победници на регуларниот дел од турнирот (потоа се играше т.н. тајбрејк, во кој победи Ји) се Индиецот Домарају Гукеш (2.743, плус 18 поени), кој се искачи од 25-то на 16-то место, и Нодирбек Абдусаторов (2.744, плус 17) од Узбекистан, кој скокна од 22-то на 15-то место…
Редоследот на врвот, сепак, остана непроменет, оти ниту еден од првите тројца шахисти не беше активен, па, така, поранешниот петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830) води пред Американците Фабиано Каруана (2.804) и Хикару Накамура (2.788).
Светската шампионка Ју Венјун (2.559) играјќи со шахистите освои 4,5 поени на турнирот во Вајк ан Зе, но силниот турнир ѝ донесе 10 поени и враќање на втората позиција на листата за шахистки. Убедливо прва и понатаму е Кинезинката Јифан Хоу (2.632), а трета е Индијката Химпи Конеру (2.554).
На македонската машка рејтинг-листа (ФИДЕ) за јануари, меѓу првите 100 и понатаму води Кирил Георгиев (2.548, минус шест поени), а кај шахистките меѓу 42 на листата, прва е ЖФМ Весна Секуловска (2.067). Кај шахистите во однос на минатиот месец, најмногу поени (11) освои 20-годишниот Михаил Јорданов (2.169). Македонија (мажи) меѓу 202 држави во однос на јануари падна за едно место и сега е на 58-то место со ист рејтинг (2.425, според просечниот рејтинг на првите 10 шахисти), а Македонија (жени) остана на 58-то (1.919). Кај мажите водат САД (2.724), пред Индија (2.713) и Кина (2.684), а кај жените прва е Кина (2.477), втора Индија (2.428), а трета е Русија (2.384). Г.И.