Во женска конкуренција победи Андреа Вељаноска од Пелистер пин

КУГЛАЊЕ – ПОЕДИНЕЧНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Кугларот на Макпетрол и на македонската репрезентација, Младен Донковски, во машка и репрезентативката Андреа Вељаноска од битолски Пелистер пин во женска конкуренција се поединечните прваци на Македонија во куглање за 2024 година.
Натпреварувањето и во двете конкуренции се одржа во кугларницата „Мусандра“ во Скопје. За Донковски, кој собори 568 кегли, ова е трета титула во низа, по победите во 2022 и во 2023 година. Второто место му припадна на искусниот Лазо Анастасов од ГТЦ Мусандра со 550 кегли. Личниот рекорд на Донковски е 694 кегли, поставен во мај годинава на Светското првенство (СП) во Вараждин (Хрватска).
– Неочекувана победа, со оглед дека бев во лоша форма периодов. Цел ми беше да постигнам токму хет-трик, влез во македонската историја, поставување повисоко скалило за во иднина, враќање на самодовербата, но и подготовка за турнирите „Гаврило Гаврилски“ во Скопје и во Бачка Топола, што би ми претставувало и успешен крај на натпреварувачката 2024 година – ни изјави Донковски.
Кај кугларките, победничката Андреа Вељаноска собори 526 кегли, втора беше Биљана Гаврилова од клубот ГТЦ Мусандра со 505 кегли. Во 2022 година и во 2023 година титулата двапати ја освои Стефанија Алексовска од Пелистер пин. Г.И.