Станува збор за титаниумски прстен околу пилотската кабина, кој е дизајниран да спречи возачите да бидат повредени од некои делови од болидите што летаат наоколу по судирите и да не претрпат траума на главата. Во неделата, тој систем му го спаси животот на Жу Гванжу, откако тој излета од патеката уште на стартот на трката во Силверстон

ФОРМУЛА 1

Пилотската хало-кабина, која е дел од болидите во Формула 1 (Ф1), во последните неколку сезони се покажа како одлично решение. Во неделата, тој систем му го спаси животот на Жу Гванжу, откако тој излета од патеката уште на стартот на трката за големата награда (ГН) на Велика Британија во Силверстон, а го спаси и, на пример, Луис Хамилтон од посериозни повреди при излетувањето од патеката во Монца, на трката за големата награда на Италија лани.
Хало-системот околу кабината на болидот е воведен во 2018 година по двегодишното тестирање, заради дополнителна безбедност на возачите. Станува збор за титаниумски прстен околу пилотската кабина, кој е дизајниран да спречи возачите да бидат повредени од некои делови од болидите што летаат наоколу по судирите и да не претрпат траума на главата. Системот е поврзан на три места со рамката на болидот.
Првично тој беше тежок околу седум, а потоа се зголеми на девет килограми. Симулацијата на Светската автомобилска асоцијација (ФИА), користејќи податоци од 40 реални инциденти, покажала дека употребата на системот довела до теоретско зголемување на стапката на преживување на возачот за 17 отсто.
Кога беше лансиран имаше некои критики од гледачите, кои сметаа дека поголемата структура околу пилотската кабина ќе им пречи на возачите. Во 2018 година, повеќекратниот светски шампион Хамилтон изјави оти смета дека тоа би можело да биде првиот чекор кон затворена пилотска кабина.
– Мислам дека се движиме кон затворена кабина, се спомнува подобрување за 17 отсто во однос на безбедноста и тешко е да се игнорира тоа – вели тој.
Пред речиси две години, во ноември 2020-та, Себастијан Гросжан помина без потешки повреди во несреќата на трката во Бахреин. Огнот речиси го проголта неговиот болид, Гросжан се спаси од поголеми изгореници поради четирите слоја заштитна облека, но, претходно цврстиот хало-систем ја амортизира силината на ударот, го заштити од сериозни повреди, од удар во телото или во главата и му помогна брзо да реагира. Рос Браун, генералниот директор на Ф1, беше категоричен по трката и рече дека без тој систем ќе се случела уште една трагедија.


Прв триумф на Карлос Сајнц на 150-та трка во Формула 1

Шпанецот Карлос Сајнц, возачот на Ферари, ја забележа првата победа во кариерата во Формула 1 (Ф1), на 150-от старт, на трката за големата награда (ГН) на Велика Британија во Силверстон, преполна со инциденти и драма, со судир на неколку болиди на стартот, но, за среќа, сѐ помина без потешки последици. Второто место го освои Серхио Перез од Ред бул, а третото Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес.
Сајнц (27) е син на Карлос Сајнц Постариот, двократниот светски првак во рели (во 1990 и 1992 година) и трипати на релито Дакар. Сајнц Јуниор во осумгодишна кариера во Ф1 беше возач на Торо Росо, беше дел од програмата за развој на возачи на Ред бул од каде што замина во Рено, потоа возеше за Мекларен од каде што лани замина во Ферари.
– Тешко е да се опише, ова е многу среќен ден во мојот живот. Одлично е чувството како возач на Ферари да победиш на одлично место како Силверстон – изјави Сајнц.
Актуелниот шампион, Макс Ферстапен од Ред бул, беше седми, но остана на водечката позиција во генералниот пласман со 181 бод, 34 повеќе од Перез. Трет е Шарл Леклер од Ферари со 138 бода. Кај конструкторите води Ред бул со 328, пред Ферари со 265 и Мерцедес со 204 бода.
Следната трка е в недела, за ГН на Австрија во Шпилберг. Л.Д.