Јанков беше следбеникот на Богоевски, Тасевски и Србиновски во сениорската репрезентација на поранешна Југославија. Тој уште како младинец заигра во сениорскиот тим на Вардар и беше меѓу играчите што го освоија југословенскиот Куп во 1979 година. Јанков целиот свој живот го посвети на одбојката, во која и денес е тренер на женскиот клуб Планет

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (224)

Во плејадата квалитетни македонски одбојкари што се појавија во 70-тите години од минатиот век беше и Горан Јанков. Меѓутоа, интересно е оти тој беше најмлад од онаа позната репрезентативна „четворка“ предводена од Владимир Богоевски, кој беше и капитен на репрезентацијата. Во периодот по 1975 година, кога одбојката во Македонија доживеа вистинска експанзија, во „синиот“ дрес заиграа уште Александар Тасевски и Горан Србиновски, за нешто подоцна да им се приклучи и Горан Јанков. Тоа беше една „опасна“ четворка, која остави голема трага, не само во одбојкарскиот туку воопшто во целокупниот македонски спорт. Може слободно да кажам дека тие влегоа во аналите на нашиот спорт и станаа легендарни личности, зашто по нивното повлекување од сцената требаше долго да чекаме да се појават играчи, кои со својот квалитет повторно го издигнаа одбојкарскиот спорт и стигнаа до учество на европските првенства.
– Јас во одбојката дојдов откако своите први организирани тренинзи ги имав во кошарката, во Работнички. Висок бев 194 сантиметри, но тоа како да не беше доволно за да ги задоволи апетитите на легендарниот Лечиќ, кој по селектирањето на младите кошаркари веднаш ме испрати во КК Скопје. Фактот што не ме задржа во Работнички малку ме разочара, па решив да го променам спортот и среќата да ја побарам во фудбалот. Бидејќи живеев во Колонија, едно од најпознатите маала, во близината на Универзалната сала, најзгодно ми беше да се зачленам во Работнички, во кој бев голман. Тоа беа интересни спортски денови за мене, но морам да признаам дека уште лутав околу тоа дали фудбалот беше вистинскиот избор. Така беше до 1974 година, кога професорот по физичко во Средното електротехничко училиште, Багевски, ми препорача да почнам посериозно да тренирам одбојка. Тој веројатно забележа нешто кај мене, па на негово инсистирање се преориентирав и дојдов во одбојката. Веднаш по првите тренинзи, повторно по негова препорака дојдов во ОК Студент, кој беше извор на млади таленти. Тука тренер ми беше Ане Алексов, кој веројатно импресиониран од мојата физичка градба и височина веднаш ми посвети големо внимание. Со него почнав да тренирам секојдневно дури и надвор од клупските тренинзи, не му беше тешко да доаѓа секое утро во фискултурната сала и да работи со мене сѐ до почетокот на првиот час. Тоа беше едно време кога и самиот почувствував дека можам далеку да стигнам. Бев сигурен оти овој пат го избрав вистинскиот спорт – ја почнува својата приказна Јанков.

ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО НЀ „ЗАПАЛИ“ СИТЕ

Горан Јанков почна амбициозно да тренира со 16 години, заигра за првата екипа на Студент, кој се натпреваруваше во Втората лига. Тој веднаш беше прифатен од повозрасните, а тоа беше мотив повеќе редовно да тренира и да го крева својот квалитет. Така, набрзо Горан стана стандарден во првата екипа, а уште по првите настапи стручњаците му прогнозираа убава перспектива.
– Во сите тие ситуации што се случуваа со и околу мене, голема улога максимално да се посветам на одбојката влијаеше и Европското првенство за сениори, кое се одржа во нашата поранешна држава, а една квалификациска група се играше во Скопје, во салата на старото Сајмиште. Тогаш капитен на репрезентацијата, покрај многуте прекалени одбојкари предводени од селекторот Лазар Гроздановиќ, беше Владимир Богоевски. Тој им стана идол на младите и одбојката во тој период доби многу приврзаници. Тоа Европско првенство толку ја потпали атмосферата, што тие денови во сенка паднаа сите спортови, дури и фудбалот и кошарката, се зборуваше само за одбојката. Во вкупната атмосфера во која како денес да го слушам оној рефрен од трибините, „Цела сала навива, напред Југославија“, се вклопија и одбојкарските репрезентативци, кои така поддржани од скопската публика го отворија патот кон големата четворка, која требаше да разигрува за медалите на финалниот турнир во Белград. Тогаш нашата репрезентација првпат го освои бронзениот медал на европските првенства, што беше мотив повеќе за нас младите одбојкари, со уште поголем елан и ентузијазам да продолжиме да тренираме и да мечтаеме еден ден и ние да го облечеме дресот со државниот грб – продолжи Јанков.
Горан Јанков во месеците по тоа првенство, кое остави силен печат во македонскиот спорт, продолжи редовно да тренира во Студент. Но неговите апетити сега пораснаа, па и тој посакуваше да им се приклучи на Богоевски, Тасевски и на Србиновски, кои веќе беа стандардни сениорски репрезентативци. Тој како да чувствуваше дека може да им се приближи со својот квалитет, но исто така, знаеше дека ќе треба да оди во поквалитетна средина каде што ќе има поголеми шанси за напредок.

БЕЗ КОЛЕБАЊЕ ИЗБОРОТ ПАДНА НА ВАРДАР

Времето минуваше, а на Јанков му се вртеше единствена мисла – каде да ја продолжи кариерата? Но и не требаше многу да размислува, зашто по одличните игри во Студент дојде поканата да дојде во редовите на прволигашот Вардар, кој, пак, во 1976 година стана првак на Југославија и имаше силен тим.
– Воопшто не се колебав и во договор со мојот тренер Алексов решив да ја прифатам поканата и во 1977 година станав член на Вардар. Тоа беше еден прекрасен период во мојата спортска кариера, кога навистина почувствував дека може да ми се исполни сонот, па и јас да заиграм за сениорската репрезентација на Југославија – вели тој.
Времето работеше за Јанков, кој беше меѓу најмладите во скопскиот тим. Тој ја чекаше својата шанса сѐ до еден момент, кога блесна и благодарејќи на него Вардар со голем пресврт дојде до победа над моќната Војводина. Гостите од Нови Сад поведоа со 2-0 во сетови и се чинеше дека ја завршија работата. Тогаш Џиков во очајнички напор да стори нешто повеќе се реши на ризик и Јанков, иако беше најмлад во конкуренција на Богоевски, Тасевски, Докузовски, Петковски, Србиновски, Кузмановски, Макеларски и другите, влезе во игра.
– Заиграв без страв, а за среќа токму тогаш до полн израз дојдоа двете мои најсилни оружја: смечот и приемот на топката, па така полека, поен по поен, го освоивме сетот. Тогаш и публиката се „запали“ и нѐ понесе како на крилја. Јас бев максимално концентриран и се однесував како многу години да сум бил член на најсилната вардарова постава. Го добивме и вториот сет, по кој гостите беа веќе „скршени“, па набрзо потоа дојде и нашата конечна победа. Јас, иако најмлад, бев прогласен за играч на натпреварот – се сеќава Јанков.

ОСВОЕН КУПОТ СО ВАРДАР

Јанков имаше среќа што во Вардар наиде на една извонредна генерација на квалитетни одбојкари. Секој од нив можеше да биде и државен репрезентативец. Но се чини ќе беше премногу ако покрај стандардната тројка Богоевски, Тасевски и Србиновски имаше уште еден вардарец. Интересно е оти Јанков се најде и во првиот список на одбојкари што требаше да настапат на Олимпијадата во Москва во 1980 година, но подоцна беше избришан.
– Квалитетот што го имаше екипата придонесе по освоената титула државен првак, кога уште не настапував за Вардар, три години подоцна да го освоиме и Купот на Југославија. Тогаш, нормално и јас бев во тимот, па тоа беше и мојата прва значајна титула. Меѓутоа, наместо да продолжиме со ист ритам, како што често се случува тоа кај нас, кога екипата е во подем, како некој да ја влече назад и доаѓа до стагнација. По освоениот Куп, на големо изненадување, тренерот што нѐ водеше до овој успех, Трифе Трифуновски, беше сменет. Од кои причини уште не ми е јасно. Потоа дојде повторно Џиков, па творецот на модерниот Вардар, Војче Синадиновски, потоа и еден Полјак. Така, со тие измени и екипата ја немаше потребната константност и веќе не беше тоа оној опасен Вардар, кој се бореше за титулите. Сепак, и во тие години имавме пласмани од второто до петтото место, што не беше за потценување. Но немаше повеќе трофеи – вели Јанков.
Како течеше понатаму кариерата на Горан Јанков во Вардар, во младинската и во сениорската репрезентација на Југославија, ќе читате идната недела.


ГОРАН ЈАНКОВ

Роден: во 1959 година во Скопје
Кариера: ОК Студент, Вардар, Генк (Белгија), Будванска ривиера (Црна Гора), младинска и сениорска репрезентација на Југославија
Успеси: освоен Куп на Југославија со Вардар во 1979 година, капитен на младинската репрезентација на Југославија и освоено четврто место на Европското првенство во 1980 година во Португалија, прво место на Балканијадата во Ново Место, учесник на сениорското ЕП во Бугарија