ШАХ – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Младиот Стефан Мелник, член на шаховскиот клуб Алкалоид, со неочекувано голем успех го заокружи настапот на Државното првенство за слабовидни лица во Струга, информира ШК Алкалоид. Тој прво низ квалификациите со сигурна игра се пласира во финалето за годинава, освојувајќи го првото место на Градското првенство на Скопје со 4,5 поени (од пет партии), потоа настапи и на полуфиналниот турнир, каде што го освои првото место, со осум поени (од девет можни), а минатата недела, со само 15 години, на финалниот сениорски турнир, на кој учествуваат десетте најдобри слабовидни шахисти во државава, со 4,5 поени го освои шестото место.
Тој пласман му обезбеди директен пласман на завршниот турнир в година. На сениорското првенство играа шесте најдобропласирани шахисти од минатото првенство и четворица играчи преку квалификациите. Шампион за 2023 година, со седум поени од девет партии, е Жарко Селковски.
– Задоволен сум од пласманот на шестото место за 2023 година, иако, искрено, посакував повеќе и мислам дека можев да бидам барем за некое место подобар. Сепак, во одредени партии направив мали грешки, за кои ќе се трудам во иднина да не ги повторам. Државното првенство за слепи и за слабовидни лица е силен, респектабилен турнир и се надевам дека не само што во иднина ќе играм со најдобрите туку и дека ќе се наметнам кај селекторот ВМ Трајко Недев, бидејќи за мене тоа ќе биде остварување на сонот да играм за шаховската репрезентација на Македонија – изјави Мелник.
Тој имаше значаен подем во светот на шахот откако почна активно да настапува на турнирите во текот на 2022 година, а од есента ги посетува и часовите во шаховскиот клуб Алкалоид во напредната група, која ја води велемајсторот (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ. Годинава, исто така, настапи на неколку шаховски натпреварувања борејќи се рамноправно со сите други учесници, а го освои и седмо место на Државното јуниорско првенство во категоријата до 16 години, со што се етаблира како потенцијал од кој во иднина може да се очекува уште повеќе.