Гоцев триумфира во возрасната категорија до 10 години, а Абдурахман и Крумова до осум години
ШАХ – МЛАДИНСКИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Продолжуваат младинските првенства на Македонија во Струга во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години, со учество на 121 шахист и 32 шахистки, што е најголема бројка во претходните три години. По шампионите во категориите до 10 и до 18 години кај девојчињата, познати се и најдобрите во категориите до 10 години момчиња и до осум години во двете конкуренции.
Мартин Гоцев од ШК Цареви кули од Струмица е новиот шампион на Македонија до 10 години. Во конкуренција на 26 шахисти, тој освои 7,5 од девет можни. Втор е Марко Зафиров со седум, а трет Дамјан Николовски со шест поени, и двајцата од ШК Гамбит Асеко СЕЕ, колку што имаше и четвртопласираниот Лука Симоноски од ШК Алкалоид. Во оваа категорија во 2022 и 2021 година играа по девет шахисти, а во двете години славеше Никола Петровски (со по 7,5 поени), кој сега настапува во категоријата до 12 години.
Во категоријата до осум години, меѓу 16 учесници убедливо прв со максимални осум поени од осум кола славеше Селим Ахмет Абдурахман од ШК Гамбит Асеко СЕЕ. Втор е Махир Дурсун од ШК Гамбит Асеко СЕЕ со шест поени, а трет Јован Вукашиновиќ од ШК Цареви кули, исто така, со 6 поени. Во ова категорија лани славеше Матеј Дивисанов со седум поени.
И во категоријата девојчиња до осум години победи Ина Крумова од ШК Цареви кули, со седум поени од 10 партии. Втора е Андреа Цветаноска од ШК Гамбит Асеко СЕЕ со шест поени, а трета Надица Велкова од ШК Цареви кули со пет поени. Играа вкупно пет шахистки, лани оваа категорија не се одржа, а во 2021 година имаше само три шахистки. Г.И.