Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската репрезентација сега повторно е во Скопје, каде што ќе ги одмери силите со Јапонија, Египет и со Грција

ОДБОЈКАРИТЕ ГИ ЗАВРШИЈА ПОДГОТОВКИТЕ ВО КАВАДАРЦИ, СЛЕДУВА ТУРНИРОТ „ЧАЈКА“

Македонската одбојкарска репрезентација ги заврши подготовките во Кавадарци пред ЕП во Скопје, одигра три официјални меча, притоа забележувајќи победа и пораз со Израел, а пораз од Јапонија. Црвено-жолтите сега повторно се во Скопје, каде што ги очекуваат пет дуели. Два од нив се од затворен тип со Јапонија, а на традиционалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ (18-20 август) ќе играат со Египет, Јапонија и со Грција, кои секако ќе придонесат за подигнување на формата на репрезентацијата предводена од селекторот Јошко Миленкоски.
– Го завршивме и четвртиот микроциклус од подготовките за ЕП во Скопје, кои беа во Кавадарци. Одигравме три натпревари во извонредна атмосфера и гостопримство. Особено сум горд на првиот дуел со Израел, кога од 0-2 во сетови, на крајот славевме со 3-2, со што покажавме голема ментална сила и карактер, кои ќе ни бидат потребни понатаму. Мечот со Јапонија, кој го одигравме речиси на „една топка“, за жал, поради премореност го загубивме иако водевме со 2-1 во сетови. Евидентно е дека првите сетови ги губиме, па затоа е потребно малку повеќе енергија да посветиме на почетокот од натпреварите. Одиме понатаму, нѐ очекуваат пет меча, од кои два со Јапонија од затворен тип, а на турнирот „Чајка“, кој ќе биде силен, ќе играме со Јапонија, Египет и со Грција. Се надевам на уште подобри резултати со кои ќе ја дигнеме формата на максимално ниво – вели капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев.
Претходно во Скопје, Македонија, одиграа два дуела со Романија, од кој едниот, кој беше од официјален карактер, „црвено-жолтите“ го добија.
На годинашното Европско првенство (30 август – 6 септември) во групата Ц во Скопје, Македонија, прво ќе играат со Данска (30 август), три дена подоцна со Црна Гора, па со Полска (3 септември), со Холандија (5 септември), а следниот ден со Чешка. Четирите најдобри селекции од оваа група ќе продолжат во осминафиналето, а дуелите ќе се играат во Бари (Италија). Г.И.