Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТЕНИС

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа утре треба да игра со Тамара Зиданшек од Словенија, во второто квалификациско коло за настап на гранслем-турнирот Австралија опен, по победата во првото коло, на дуелот со четвртата носителка, Синја Краус (104. на ВТА-листата) од Австрија, со 7-5, 6-0, за 61 минута игра. Тоа беше трет меѓусебен дуел на двете тенисерки и втора победа на Ѓорческа (претходно славеше на турнир во Будимпешта, во 2021 година, со 6-3, 6-2), според податоците на Интернационалната тениска федерација.
Зиданшек (151-та на ВТА-листата) во второто коло за пласман на гранслем-турнирот што се игра во Мелбурн се пласира со победата на натпреварот со Џесика Понше (165. место на ВТА-листата) од Франција, со 7-6, 6-3, за еден час и 23 минути игра.
Ѓорческа (205-та на ВТА-листата) седми пат игра во квалификации за гранслем-турнир, а досега најдобар пласман оствари во 2017 година, кога настапи во третото квалификациско коло за учество на Австралија опен, а играше и во второто коло за САД опен, во 2018 година. Н.М.