Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ѓорческа осми пат ќе игра квалификации за настап на еден гранслем-турнир, според податоците на ИТФ

ТЕНИС

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа од понеделник треба да настапува во квалификациите за пласман на Ролан Гарос, вториот годинашен гранслем-турнир. Ѓорческа е на листата на учеснички во квалификациите објавена на интернет-страница на организаторите на гранслем-турнирот во Париз, што ќе се игра на земјена подлога. Таа осми пат ќе настапи во квалификации за учество на гранслем-турнир, вторпат за Ролан Гарос (претходно во 2017 година), според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ).
Претседателот на Француската тениска федерација, Жил Моретон, и директорката на турнирот Ролан Гарос, Амели Морезмо, ги објавија т.н. вајлд-карти (покани) за настап на квалификацискиот турнир и за главната ждрепка на турнирите во поединечна конкуренција за жени и за мажи на Ролан Гарос, објавија организаторите на гранслем-турнирот на својата интернет-страница. Меѓу тенисерите што со покана ќе играат на 123-то издание на главниот турнир е и Ричард Гаске (37, Франција), некогашен полуфиналист на Вимблдон (2007 и 2015 година) и на САД опен (2013 година).
Гаске треба да се натпреварува на Ролан Гарос по 21. пат, откако првпат играше на тој турнир во 2002 година, а има 29 победи и 20 порази на париската земјена подлога, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Поранешниот играч број 7 на АТП-листата ќе игра на овој настан 15-та година по ред. Неговиот најдобар резултат е од 2016 година, кога стигна до четврт-финалето, пишува АТП.
На листата со покани се по осум тенисери и тенисерки, како и по девет за настап во квалификациите, кои на програмата се од 20 до 24 мај. Отвореното првенство на Франција за годинава треба да почне на 26 мај во Париз. Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе се стреми да ја одбрани својата титула во поединечна конкуренција и ќе игра за 25-от гранслем-трофеј. Ига Швјонтек ќе се обиде да стане првата жена по 17 години што освоила три титули по ред на Ролан Гарос во поединечна конкуренција, пишува „Би-би-си“. Н.М.