Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ѓорческа вторпат настапува во квалификациите за првиот гранслем-турнир секоја година (во 2017 година се пласира во третото коло). Австралија опен објави кои познати тенисери ќе настапат во квалификациите, меѓу нив се и двајца со освоени гранслем-титули, Радукану и Тим, а во квалификациите треба да играат и уште неколку поранешни врвни 10 играчи, како Гофин, Шварцман, Ерани… Во квалификациите треба да настапат по 128 тенисери и тенисерки, а по 16 најдобри ќе се пласираат на главниот турнир

ТЕНИС

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа на 8 јануари треба да го почне настапот во квалификациите за пласман на првиот годинашен гранслем-турнир Австралија опен, кој почнува на 14 јануари, откако организаторите ги објавија распоредот и сите учесници во квалификациите, кои се состојат од три кола. Ѓорческа вторпат настапува во квалификациите за Австралија опен, откако во 2017 година се пласира во третото коло.
Австралија опен на својата интернет-страница објави кои познати тенисери ќе настапат во квалификациите, а меѓу нив се и двајца со освоени гранслем-титули, и тоа Британката Ема Радукану и Австриецот Доминик Тим. Двајцата победија на САД опен.
Радукану ќе има само позитивни спомени од последниот пат кога учествуваше на квалификациски турнир за гранслем-турнир, откако на САД опен во 2021 година таа победи во трите квалификациски кола, а потоа ја освои титулата, пишува Австралија опен. Таа останува единствената тенисерка во историјата на т.н. опен ера (од 1968 година) што освоила гранслем-трофеј откако тој турнир го почнала во квалификациите. Операцијата на нејзините зглобови и глуждот ја оддалечи Радукану од терените од април, а 21-годишната тенисерка влезе на овој турнир користејќи го специјалното рангирање бр. 103, само пет места надвор од главната ждрепка, пишува Австралија опен.
Тим, кој исто така имаше повреден зглоб, е уште поблиску, само едно место надвор од главната ждрепка. Тоа значи дека неговото учество во квалификациите не е загарантирано, сѐ што ќе биде потребно е едно повлекување од некој тенисер од главната ждрепка за Тим директно да влезе на турнирот, пишува Австралија опен. Тим, кој треба да биде првиот носител во квалификациите, ја освои титулата на САД опен во 2020 година. Поранешниот светски рекет број три охрабрувачки ја затвори 2023 година со победа на четири од неговите претходни шест меча, квалификувајќи се за мастерс-турнирот во Париз и победувајќи го Стен Вавринка на патот кон второто коло.
Тим и Радукану се меѓу неколкуте поранешни врвни десет играчи предвидени за настап во квалификациите за турнирот во 2024 година. Давид Гофин и Диего Шварцман се исто така на квалификациската листа, потоа Сара Ерани, поранешната петта тенисерка во светот и финалистка на Ролан Гарос… Во квалификациите треба да настапат вкупно по 128 тенисери и тенисерки, а по 16 најдобри ќе се пласираат на главниот турнир.
Австралија опен во 2024 година првпат ќе почне во недела и првпат станува турнир од 15 дена. Н.М.