Во првото коло за пласман на гранслем-турнирот во Мелбурн, Ѓорческа треба да се сретне со Катарина Кава од Полска
ТЕНИС
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа денеска треба да ги почне квалификациите за настап на првиот годинашен гранслем-турнир, Австралија опен, во Мелбурн, со дуелот со Катарина Кава од Полска. Кава досега трипати играла во првото коло на квалификациите за тој турнир, во 2020, 2021 и во 2022 година. Ѓорческа настапи во квалификациите за Австралија опен во 2017 година, кога стигна до третото коло.
Годинашниот гранслем-турнир во Мелбурн е 112-ти по ред. Актуелни победници се Новак Ѓоковиќ во машка и Арина Сабаленка во женска конкуренција. Од годинашниот турнир во машка конкуренција поради повреда се повлече Шпанецот Рафаел Надал, победник од 2022 година.
Паричната награда на Австралија опен достигна рекордно високо ниво со зголемување од 10 милиони долари во 2024 година, објави Австралија опен на официјалната интернет-страница. Најдобрите светски тенисери ќе се натпреваруваат за вкупен награден фонд од 86,5 милиони долари. Шампионите во поединечна конкуренција ќе освојат по 3,15 милиони долари.
Вкупно се играат три квалификациски кола, треба да настапат по 128 тенисери и тенисерки, а по 16 најдобри ќе се пласираат на главниот турнир. Според ждрепката, победничката на дуелот Ѓорческа – Кава во второто коло треба да се сретне со подобрата од средбата Лукреција Стефанини (Италија) – Лесли Патинама Керхов (Холандија). Н.М.