Кај тенисерките ќе играат Белорусинката Арина Сабаленка и Американката Џесика Пегула, а другите полуфиналисти во двете конкуренции требаше да бидат познати вчера попладне и денеска наутро
ТЕНИС – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА САД
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Карлос Алкараз се пласираа во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, кое се игра во Њујорк.
Ѓоковиќ го победи Американецот Тејлор Фриц во четвртфиналниот дуел со 3-1 во сетови (6-3, 7-5, 3-6, 6-4), кој траеше три часа и 27 минути. Притоа триесет и осумгодишниот Србин реализираше 10 аса, направи осум двојни грешки и оствари четири од девет брејк-топки. Неговиот ривал имаше 12 аса, пет двојни сервис-грешки, а реализираше две брејк-топки од 13 можни.
Следниот противник на Ѓоковиќ ќе биде Шпанецот Карлос Алкараз, вториот светски рекет, кој исто така славеше во четврт-финалето против Чехот Јиржи Лехечка со максимални 3-0 (6-4, 6-2, 6-4) и на тој начин стигна до полуфиналето. Ова за Алкараз беше трета победа над Лехечка во четвртиот меѓусебен дуел и секако дека ќе настојува да ја освои својата шеста гранслем-титула во својата кариерата. Шпанецот не му дозволи ниту една брејк-шанса на противникот, играше сигурно.
За место во второто полуфинале требаше да играат првиот светски рекет, Италијанецот Јаник Синер против сонародникот Лоренцо Мусети и Оже-Алијасим од Канада против Алекс де Минер од Австралија.
Во женска конкуренција во полуфиналето на истиот турнир ќе играат минатогодишната победничка Белорусинката Арина Сабаленка и Американката Џесика Пегула. Двете тенисерки лани играа на Отвореното првенство на САД, но во финалето, а Белорусинката ја победи Пегула со 2-0 во сетови (7-5 и 7-5).
Првиот женски рекет во светот Сабаленка без борба обезбеди место меѓу четирите најдобри, откако Маркета Вондроушова од Чешка поради повреда го предаде мечот. За Белорусинката тоа ќе биде 11-то полуфинале на последните 12 гранслем-турнири. Четвртата носителка Пегула, пак, во полуфиналето се пласираше откако ја совлада со 2-0 во сетови (6-3, 6-3) Барбора Крејчикова од Чешка. За пласман во второто полуфинале требаше да играат Каролина Мухова од Чешка против Јапонката Наоми Осака и Ига Швјонтек од Полска против Американката Аманда Анисимова.
Вкупниот награден фонд на Отвореното првенство на САД изнесува 90 милиони долари. Г.И.