Барем 1.000 победи во кариерата досега забележаа Конорс, Федерер, Лендл, Надал и Ѓоковиќ
ТЕНИС
Српскиот тенис ас Новак Ѓоковиќ, со победата во полуфиналето на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Рим против Норвежанецот Каспер Руд (6-4, 6-3), влезе во кругот тенисери на кои им успеало да остварат 1.000 и повеќе поединечни победи во својата кариера.
Со тоа првиот рекет во светот им се придружи на тенисерите со барем 1.000 победи, Американецот Џими Конорс, кој оствари 1.274 победи, Швајцарецот Роже Федерер со 1.251, Чехот Иван Лендл со 1.068, и Шпанецот Рафаел Надал со 1.051 поединечна победа.
Во финалниот дуел вчера, Ѓоковиќ играше со Стефанос Циципас за својата 1.001. победа.
– Благодарност до турнирот и до публиката, со која ја прославив „илјадарката“. Ги гледав Федерер и Надал во претходните години и едвај чекав да стигнам до 1000-та победа. Многу сум привилегиран што постигнав толку многу АТП-победи – изјави Ѓоковиќ.
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ
Џими Конорс 1.274
Роже Федерер 1.251
Иван Лендл 1.068
Рафаел Надал 1.051
Новак Ѓоковиќ 1.000
Извор: АТП
победи заклучно со 14 мај 2022