Фото: ЕПА

ТЕНИС – ПО РЕКОРДНИОТ ТРИУМФ НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРИТЕ

Ѓоковиќ третпат победи на Ролан Гарос и сега е рекордер според бројот на гранслем-титули, стана првиот тенисер што ги освоил сите четири најголеми турнири најмалку трипати, го зголеми и водството во трката за најголемите тениски титули (67, се сметаат и АТП-финалиња, турнири мастер 1.000 и ЛОИ), се врати на првото место на АТП-листата (зголемен рекорд, 388 недели на врвот) и е на половина пат кон т.н. календарски-гранслем

Очигледно гранслем е гранслем, четирите најголеми турнири што ги имаме во нашиот спорт. Секој играч сонува да биде на оваа сцена и да го освои трофејот барем еднаш во кариерата. Имам огромна среќа во животот да победам 23 пати, тоа е неверојатно чувство, изјави Новак Ѓоковиќ откако постави нова граница во машкиот тенис со победата во финалето над Каспер Руд со 7-6, 6-3, 7-5 за трета победа на турнирот Ролан Гарос во Париз, вкупно 23-та гранслем-титула, рекорд во тенисот за мажи.

Со победата Ѓоковиќ, исто така, се врати на првото место на АТП-листата (зголемен рекорд, 388 недели на врвот), го надмина Рафаел Надал како највозрасен шампион на Ролан Гарос и стана првиот тенисер што ги освоил сите четири гранслем-турнири најмалку трипати (има и 10 победи на Австралија опен, седум на Вимблдон и три на САД опен).
– Знаев дека со одењето на овој турнир, особено на финалето, дека се работи за историјата. Но се обидов да ги фокусирам моето внимание и моите мисли и да се подготвам за овој натпревар на најдобар можен начин за да победам како и на секој друг натпревар. Мојот тим создаде добар балон околу мене. Мислам дека направивме одлична работа што останавме само во сегашниот момент и настапивме толку добро колку што сакавме – вели Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ го зголеми и водството во трката за најголемите тениски титули, сега има 67, а тука АТП ги смета гранслемите, АТП-финалињата, турнирите од серијата мастерс 1.000 и летните олимписки игри (ЛОИ).
– Кога зборувате за историјата, луѓето најмногу зборуваат за освоените гранслем-титули или за времето што го поминавте како број еден во рангирањето. Успеав да ги соборам рекордите во двете категории, што е неверојатно. Не сакам да кажам дека сум најдобар, затоа што чувствувам, го кажав тоа и претходно, тоа е непочитување кон сите големи шампиони во различни епохи на нашиот спорт што се играше на сосема поинаков начин од денес. Чувствувам дека секој голем шампион од својата генерација остави огромен белег, наследство и ни го отвори патот да можеме да го играме овој спорт на толку голема сцена низ светот – вели Ѓоковиќ, пренесе АТП.

Ѓоковиќ има 23 гранслем-титули (рекордер), шест победи во АТП-финалињата (рекорд заедно со Роже Федерер) и 38 на турнирите мастерс 1.000 (рекордер). Втор е Надал со 59 големи трофеи, а трет е Федерер со 54.
– Отсекогаш сум се споредувал со овие момци, бидејќи тие се двајцата најголеми ривали што некогаш ги имав во мојата кариера. Многупати сум кажал дека тие всушност ме дефинираа како играч и сите успеси што ги имам, тие придонесоа за тоа, на некој начин, поради ривалствата и натпреварите што ги имавме. Поминаа безброј часови размислување и анализирање и што е потребно за победа против нив на најголемата сцена за мене и за мојот тим. Неверојатно е да се знае дека имам повеќе гранслем-трофеи од двајцата – рече Ѓоковиќ, пренесе АТП.

Со победите на првите два гранслем-турнира годинава (славеше и на Австралија опен), Ѓоковиќ е на половина пат кон т.н. календарски-гранслем, победа на сите четири најголеми тениски турнири во една година. Досега тоа го оствари Род Лејвер во 1969 година. Во 2021 година, Ѓоковиќ ги освои првите три турнири во годината и играше во финалето на САД опен.
– Патувањето уште не е завршено. Сѐ уште се чувствувам мотивирано, сѐ уште се чувствувам инспириран да го играм најдобриот тенис на овие турнири… Веќе со нетрпение го очекувам Вимблдон – рече Ѓоковиќ.