Ѓоковиќ: Имам мотивација за освојување нови титули

ТЕНИС

Ми недостигаа натпреварите. Сè уште имам мотивација да играм против најдобрите во светот за најголемите титули, изјави светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, пред мечот против Шпанецот Алехандро Давидович Фокина, на отворањето на сезоната на земјени терени на Мастерсот во Монте Карло во Монако.
Ѓоковиќ, 20-кратниот гранслем-шампион, по контроверзиите околу одбивањето да се вакцинира против ковид-19, годинава играше на само еден турнир, во Дубаи, каде што во четврт-финалето загуби од Јиржи Весели. Ѓоковиќ не можеше да ја брани титулата на Австралија опен во јануари и беше депортиран од земјата, а мораше да ги прескокне турнирите во Индијан Велс, Калифорнија и во Мајами бидејќи не можеше да патува во САД од истата причина.
Властите во Франција и во Монако ги укинаа повеќето ограничувања поради ковид-19 минатиот месец, дозволувајќи им на луѓето што не се вакцинирани да влезат во земјата и да можат да ги посетуваат рестораните, спортските арени и други места. Ѓоковиќ изјави дека земјената подлога во Монако е најдобрата за неговото враќање, но и оти „ќе бидат потребни извесно време и некои натпревари за навистина да влезам во ритам“. Србинот лани победи на Ролан Гарос во Париз, на турнирот што годинава започнува на 22 мај.