Сагата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во Австралија и повторувањето на истите случувања, на извесен начин потсетува на познатиот филм „Денот на мрмотот“ од 1993 година, во кој метеорологот Фил Конорс (го глуми Бил Мареј) го доживува истиот ден одново и одново, бескрајно повторувајќи го 2 февруари. Неговиот свет секој ден е исполнет со истите луѓе, но тие не знаат дека денот на мрмотот се повторува постојано.
Во тениската верзија на филмот, Ѓоковиќ е вратен во хотелот „Парк“ во Мелбурн, во пресрет на судскиот процес во врска со неговата виза на кој ќе биде одлучено дали ќе учествува на гранслем-турнир Австралија опен или ќе биде депортиран, објави „Си-ен-ен“. Српскиот тенисер беше донесен во хотелот каде што веќе престојуваше неколку дена откако неговата виза првично беше укината. Тој повторно е задржан од страна на австралиските власти кои по вторпат ја укинаа неговата виза, наспроти одлуката на судот во Мелбурн.
Пред хотелот, исто така, повторно почнаа да се собираат поддржувачите на Ѓоковиќ исто како и претходно, повикувајќи да му биде дозволено учество на турнирот во Мелбурн кој почнува в понеделник.
Судскиот процес за случајот со укинувањето на визата на Ѓоковиќ пред Сојузниот суд на Австралија, ќе се одржи вечерва од 23.30 часот по средноевропско време. Ова е решено по прелиминарното сослушување пред судијата Џон О’Калахан. Официјалната одлука ќе биде донесена во ноќта помеѓу сабота и недела.
Прелиминарното судење беше процедурално и се однесуваше на поднесувањето на документацијата. Адвокатите на Ѓоковиќ побарале конечната одлука да ја носи совет составен од тројца судии, додека обвинителот барал процесот да го води еден судија. Судијата О’Калахан рекол дека тоа прашање ќе биде решено утринава.
Ѓоковиќ го доби првиот спор со Владата на Австралија, во врска со укинувањето на визата. Четири дена подоцна, министерот за имиграција Алекс Хоук го искористи дискреционото право и повторно му ја поништи визата.
Новиот процес е префрлен од судот на Викторија, во Сојузниот суд. Пред прелиминарното сослушување, Ѓоковиќ имаше разговор и во австралиското министерство за имиграција.