Секако квалитетен настап на Георгиевски, особено до финалето со многу жар и енергија во неговите борби. Овој медал му носи и нови 28 поени за ЛОИ, оти турнирот во Полска е на ниво на европско првенство, а за тоа доволно зборува и фактот што на него учествуваа најдобрите 16 таеквондисти, вели селекторот Борче Костовски

ЕВРОПСКИ ИГРИ ВО ПОЛСКА

Македонскиот таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски во својата колекција со медали придодаде уште еден, со кој уште еднаш испиша историја за македонскиот спорт. На третите Европски игри (ЕИ), кои се одржуваат во Краков (Полска), Георгиевски се закити со сребрен медал во тежинската категорија над 87 кг. Тој во борбата за златниот медал загуби од Британецот Луис Канингам со 0-2 во рунди (0-4, 2-13).
Георгиевски до среброто стигна откако во првото коло го победи Италијанецот Матија Молин (2-0), а во второто коло беше подобар од Украинецот Андриј Харбар (2-1). Во полуфиналето го совлада и шпанскиот репрезентативец Иван Мартинез Гарсија (2-0).
– Настапот на Европските игри во Полска помина одлично. Секако ќе беше уште подобро ако го освоев златниот медал, но следениот пат ќе освојам злато. Остварив три фуриозни победи против моите противници. Задоволен сум од прикажаните борби, но секако дека можеше и подобро во финалето – ни изјави Георгиевски.
Своето задоволство од постигнатиот успех на Георгиевски не го криеше ни селекторот на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски.

– Секако, квалитетен настап на Георгиевски, особено до финалето со многу жар и енергија во неговите борби. Овој медал му носи и нови 28 поени за ЛОИ, оти турнирот во Полска е на ниво на европско првенство според бројот на освоени поени, а за тоа доволно зборува и фактот што на него учествуваа најдобрите 16 таеквондисти – вели Костовски, кој е и клупски тренер на Георгиевски.
Георгиевски (24) зад себе има богата колекција медали. Покрај олимпиското сребро од Токио, тој е освојувач на бронза од Европско првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското ЕП во 2017 година со само 18 години, потоа има бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018-та, сребро на ЕП 2020 во Сараево, сребро од Медитеранските игри (МИ) во 2019 година, а победил и на многу силни поединечни турнири.
Од другите таеквондисти што настапија во Краков, висок пласман оствари Милијана Рељиќ (до 62 кг), која го освои петтото место.

– Рељиќ оствари две победи над претставничките на Норвешка и на Италија, екстремно тесен пораз во последната рунда од натпреварувачка на Чешка, една од најдобрите таеквондистки во оваа категорија. Во борбата за бронзата Рељиќ загуби од трикратната светска бронзена медалистка, извонредната Британка Ајала Пауел. Одиме понатаму, следниот пат ќе освоиме медал – изјави тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.
Третиот претставник од Македонија во таеквондо на овие ЕИ во Полска, Анамарија Георгиевска (до 73 кг) загуби во првото коло со 0-2 од Хрватката Ника Клепац.
Досега на ЕИ најмногу медали освои Италија, 58, од кои 18 златни, 17 сребрени и 23 бронзени, втора е Шпанија (40 – 18/11/11), а трета Украина (25 – 12/7/6). Македонија е на делба на 38-то место, со едно сребро во конкуренција на 40 држави. Г.И.


Трет медал за Македонија на европски игри

За Македонија освоеното сребро на Дејан Георгиевски е трет освоен медал на досегашните три европски игри (ЕИ). На првите ЕИ, во 2015 година, во Баку (Азербејџан), Македонија настапи со 12 спортисти, а бронзени медали освоија каратистите Емил Павлов и Мартин Несторовски. На вторите ЕИ, во 2019 година, во Минск (Белорусија), учествуваа 45 спортисти од Македонија, но без освоен медал. На третите ЕИ во Полска, Македонија е присутна со 17 спортисти во седум спорта.