Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830) во машка и Јифан Хоу (2.632) од Кина во женска конкуренција одново се неприкосновени во светот
ШАХ – ЈАНУАРСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
На македонската машка рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за јануари, меѓу првите 100, и понатаму е прв Кирил Георгиев (2.548, 387. во светот), а кај шахистките, ЖФМ Весна Секуловска (2.067). Кај шахистите во однос на минатиот месец, најмногу поени освои младиот Леонид Петрески (2.152, плус 75), со што од 58-то се искачи на 44-то место.
Во декември, од првите 100, вкупно 23 македонски шахисти загубија рејтинг-поени (вкупно 662 поени), а осуммина освоија нови поени (вкупно 147). Македонија (мажи) меѓу 200 држави остана на 57-та позиција (2.425 поени, според просечниот рејтинг на првите 10 шахисти), но загуби четири поени. Водат САД (2.725), пред Индија (2.710) и Русија (2.686).
На листата за шахистки најмногу поени (97) освои Инџи Ајрадиноска (1.682) и од 18-то се искачи на 13-то место. Од 42 шахистки на рејтинг-листата на ФИДЕ, девет загубиле поени (вкупно 285 поени), а осум освоиле (вкупно 241 поен). Екипно Македонките се едно место подолу на листата и сега се 57. (1.917) меѓу 200 федерации, но со 16 поени подобар рејтинг. Прва е Кина (2.476), пред Индија (2.427) и Русија (2.386).
И на јануарската машка светска рејтинг-листа на ФИДЕ на врвот и понатаму е неприкосновен поранешниот петкратен светски шампион во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830), кој неодамна во Узбекистан ги освои титулите светски првак во забрзан и во брз шах. Американецот Фабиано Каруана (2.804, плус 10 поени) се врати на рејтингот од над 2.800 поени. Трет е Американецот Хикару Накамура (2.788), актуелниот светски првак во класичен шах, Кинезот Динг Лирен е четврти (2.780), а листата на најдобрите пет ја заокружи Русинот Јан Непомнијашчи (2.769, минус два поена).
И кај шахистките и понатаму доминира Јифан Хоу (2.632) од Кина. Индијката Химпи Конеру (2.554) од третото се искачи на второто место, а едно место напредуваше Русинката Александра Горјачкина (2.553), која сега е трета. Тинџие Леи (2.550) е четврта, а од второто на петтото место падна Венјун Ју (2.5549, минус 11 поени) и двете од Кина. Г.И.
ВОДЕЧКИ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТИ
ВМ Кирил Георгиев 2.548
ВМ Трајко Недев 2.474
ВМ Александар Чоловиќ 2.442
ВОДЕЧКИ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТКИ
ЖФМ Весна Секуловска 2.067
ЖФМ Моника Стојковска 2.057
ЖИМ Габриела Коскоска 1.989