Саздовски го почна спортскиот живот како фудбалски голман во Работнички, за потоа да стане каратист. Професорот Кајчевски беше духовен водач на првата генерација каратисти. Саздовски е познат и по тоа што е еден од најпродуктивните автори, кој зад себе има 37 научни трудови

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (247) Д-р Чедомир Саздовски (1)

Уште во 60-тите години на минатиот век, каратето ги освои младите во Македонија. Одеднаш дојде до еден наплив на каратисти, што во тоа време беше и малку чудно, зашто дотогаш од далекоисточните спортови на овие наши простори се негуваше само џудото. Но секое време си носи нешто ново, нешто интересно, па така се случи одеднаш каратето, кое во светот имаше земено голем замав, и кај нас да стане еден од најпривлечните спортови. Со него се занимаваа многу момчиња и девојки, кои во спортот за кој се потребни голема дисциплина и одговорност ја гледаа својата перспектива. Токму тоа интересирање беше причина, покрај постојните клубови во кои основен спорт беше џудото, да се формираат клубови во кои почна да се негува каратето.
Основоположници на овој спорт беа професорот Кајчевски и Теофиловски. Тие, во втората половина на 60-тите години од минатиот век, покрај џудото, кое веќе имаше традиција кај нас, го промовираа „новиот“ спорт, кој стана магнет за младите. Меѓу оние што сметаа дека каратето може да биде спорт преку кој може да се докажат и да го најдат своето задоволство беше и Чедомир Саздовски. Тој со сиот свој жар се впушти во новиот предизвик. Стана еден од најдобрите македонски каратисти, кој зад себе има една богата кариера, во која се вградени успесите како активен каратист, потоа тренер, селектор и професор. Саздовски е еден од ретките што напиша дури 37 труда, што се однесуваат не само на каратето туку и на сите боречки спортови.

ПОЧЕТОК КАКО ФУДБАЛСКИ ГОЛМАН

Фудбалот беше најпривлечниот спорт за кој најмногу се зборуваше, особено во периодот по Втората светска војна. Во поранешната држава најпознати беа асовите од зелениот терен, па затоа не беше и чудно што младите сакаа да се вклучат во него.
– Така беше и со мене, спортувањето го почнав како фудбалски голман. Бранев за пионерите, а потоа и за подмладокот на Работнички. Меѓутоа, како да не бев комплетно исполнет со оваа моја спортска активност и тргнав по нов предизвик. Тогаш слушнав дека многу мои другари, кои дотогаш се занимаваа со џудо, одат на тренинг во некој друг спорт. Тоа беше провокација и за мене, па така и јас се најдов наместо на зелениот терен, во спортската сала и почнав да тренирам карате. Во почетокот сето тоа ми изгледаше некако чудно, дури и се прашував како дојдов во овој спорт. Но набрзо сфатив дека татамите ќе бидат вистинското место на кое ќе можам да се докажувам – вели Саздовски.
Саздовски толку многу беше преокупиран со боречките спортови, каде што покрај каратето се занимаваше и со аикидото и со џудото, така што реши својата животна егзистенција да ја бара токму во спортот.
– Се запишав во тогашното Средно училиште за физичка култура во Скопје и веќе ми стана јасно дека бегање нема. Со оглед на тоа што знаев дека само од спортувањето нема да можам да егзистирам, затоа уште од првите денови во фискултурното училиште настојував да навлезам во суштината на спортот и да научам што повеќе за тренингот, за психологијата на спортистот, за исхраната и сето она што е неопходно за да се стане врвен спортист. Но како прва задача што ја поставив пред себе беше прво да станам квалитетен каратист, за да можам потоа да им ги пренесувам на помладите моето искуство и знаење – коментира од оваа временска дистанца Чедо.

КК МЕТАЛУРГ ПРВ КЛУБ

Од училишната карате-секција, во која со голем ентузијазам работеше професорот Кајчевски, поквалитетните по совладувањето на почетните елементи во карате-спортот се префрлаа во клубовите.
– Мојот од по татамите, по оние први искуства со Кајчевски, кој, да бидам искрен, стана мој духовен водач, го продолжив во КК Металург. Таму тренирав со Никола Грдановски и со Драган Андоновски, кои го негуваа шотокан-стилот. Но бидејќи секогаш е присутна потрагата по нешто ново, откако го гледав познатиот каратист Драган Марковиќ, кој демонстрираше еден друг стил од оној што дотогаш го практикував, решив од Металург да се префрлам во КК Мирче Ацев од Ѓорче Петров. Иако живеев во Кисела Вода, не ми беше тешко секој ден да одам во другиот дел од градот, само за да можам да научам нешто повеќе и да напредувам. Во Мирче Ацев тренирав со веќе афирмираните Димче Јанков и Драган Колев. Таму се задржав сѐ до заминувањето во ЈНА во 1979 година – вели Саздовски.
Во меѓувреме, кариерата на Саздовски, како каратист постојано одеше во нагорна линија. Тој во 1971 првпат стана младински првак на Македонија во средна и во тешката категорија.
– Меѓутоа, мојата радост беше уште поголема кога на републичкото првенство во Куманово, во дисциплината кати бев втор зад Мирче Опеловски, кој за мене беше вистинска легенда, еден од најдобрите, ако не и најдобар каратист во Македонија – истакнува Саздовски.
По враќањето од ЈНА, Саздовски имаше незаборавен настап на сениорскиот шампионат на Југославија во 1981 година во Панчево.
– Конкуренцијата во спортски борби во најтешката категорија беше пеколна, но и покрај тоа успеав да победам четири пати едноподруго. Последниот настап го имав против најсилниот во тоа време, би рекол и најтешкиот каратист Бачановиќ. Тој имаше над 100 килограми, а јас одвај ја надминував границата од 80 кг за да може да настапам меѓу „тешкашите“. Бачановиќ беше висок над два метра, што да кажам, вистинска грдосија на татамите. Во текот на борбата имаше многу тактизирање, се обидував со брзи напади да го загрозам, но некако тешко ми одеше. Сепак, во исцрпувачката борба, во која Бачановиќ ги користеше физичките предности, успеав да му се спротивставам и на крајот тој победи со предност од 0,5 поени. Тоа беше меч што вечно ќе го паметам – вели Саздовски.

ЕКИПНИТЕ НАТПРЕВАРИ НАЈМОТИВИРАЧКИ

Чедо Саздовски со посебно задоволство зборува за натпреварите во екипна конкуренција, во кои сите клубови настојуваа да покажат колку се силни и квалитетни. Тој како „тешкаш“ секогаш последен настапуваше и од неговиот резултат, ако дотогаш беше нерешено, се решаваше кој ќе биде победник.
– Во тие моменти сите очи на клупските другари и на публиката беа вперени кон мене. Тоа ми даваше некако посебна сила, но и одговорност. Од мене зависеше дали на крајот ќе се радуваме или ќе тагуваме. За среќа, радосните мигови беа почести. Особено беа интересни и неизвесни настапите за Вардар, кога се натпреварувавме во Првата југословенска лига. Две години бевме прволигаши и настојувавме на достоен начин да им се спротивставиме на екипите што имаа многу поголемо искуство од нас – се сеќава на тоа убаво време Саздовски.
Инаку, Вардар за настапите на прволигашката сцена беше засилен со каратисти од Пролет. Највисок дострел беше шестото место, и тоа во првата прволигашка сезона.
– Имавме навистина солидна екипа, составена од квалитетни каратисти. Ќе ги споменам Атанасовски, Петковски, Јакимовски, Георгиевски и Малиновски, кои беа шампиони на Македонија во своите категории. Меѓутоа, Вардар западна во финансиска криза и тука лежи причината што само две сезони настапувавме во Првата лига. Инаку, навистина имавме потенцијал и сите со респект гледаа кон нас – продолжи Саздовски.
Чедо Саздовски за да може да го продолжи школувањето, откако во Скопје ја заврши Високата школа, се запиша на Факултетот за физичка култура во Белград. Таму стана член на карате-клубот Нови Београд и така ја продолжи натпреварувачката кариера. За сите натамошни случувања, како и ангажманите на Саздовски во тренерската и селекторската работа, како и во Федерацијата на Македонија, ќе читате идната недела.


Чедомир Саздовски

Роден: во 1952 година во Скопје
Кариера: Металург, Мирче Ацев, Вардар, репрезентацијата на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Повеќекратен младински и сениорски првак на Македонија во средна и во тешка категорија, две години ги бранеше боите на Вардар во Првата југословенска лига
Функции: Селектор на македонската репрезентација, член на селекторскиот тим на поранешна Југославија, прв генерален секретар на Македонската карате-федерација