Фигеиредо тренираше седум олимписки медалисти во скокови во вода, а спортистите на Петров поставија 36 светски рекорди и освоија шест олимписки медали и 21 титула светски првак, информира ИОК
ОЛИМПИЗАМ
Тренерот за скокови во вода Џејн Фигеиредо (Зимбабве/Португалија) и тренерот за скок со стап Виталиј Петров (Украина) се добитници на годинашните награди за животно дело за тренери од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). На церемонијата во Олимписката куќа во Лозана, каде што им беше врачен трофејот, присуствуваше претседателот на ИОК, Томас Бах.
– Фигеиредо и Петров покажаа непоколеблива посветеност, инспирирајќи безброј спортисти да го достигнат својот целосен потенцијал. Нивната страст за тренерство не само што произведе шампиони туку и остави трајно наследство во нивните соодветни спортови – рече Бах.
И Фигеиредо и Петров добија признание за нивната долгогодишна посветеност на нивните спортови и спортистите што ги тренираат. Олимпијката Фигеиредо тренираше седум олимписки медалисти во текот на нејзината кариера, вклучувајќи го и британското дуо Том Дејли и Мети Ли.
– Тренерството е моја страст уште од мало девојче, а да се добие оваа награда е остварување на сонот. Олимписките игри се врвниот сон за многу тренери и спортисти, секојдневно се стремиме кон извонредност, а оваа награда е признание за сите тие многу часови и години посветеност – изјави Фигеиредо.
Спортистите на Петров поставија 36 светски рекорди и освоија шест олимписки медали и 21 титула светски првак, информира ИОК.
– Скокот со стап е страст за мене многу години. Имав привилегија да работам со извонредни спортисти, кои освоија медали на најголемите светски натпревари на различни континенти, достигнувајќи импресивен број светски рекорди. Можам само да им се заблагодарам за незаборавните моменти што ги живеев со нив и за довербата што ми ја даваат секој ден – рече Петров. Г.И.