Фото: Емил Јовановиќ
  • Досега пласман на СП 2026 во февруари обезбeдија Магнус Карлсен, Левон Аронијан, Фабијано Каруана, Винсент Кејмер, Арџун Еригаиси, Јавохир Синдаров и Ханс Ниман, а уште еден учесник ќе се одреди преку квалификациски турнир идната недела

Слободниот шах и Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се согласија да ги здружат силите за да го организираат Светското првенство (СП) во Фишеров шах, закажано од 13 до 15 февруари годинава во Вајсенхаус (Германија). Мундијалот во слободен или т.н. Фишеров шах ќе се игра за награден од 300.000 долари, од кои победникот ќе добие 100.000, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Фишеров шах е шаховска варијанта во која почетните позиции на фигурите во првиот ред се по случаен избор, следејќи одредени правила. Овој вид шах беше воведен од поранешниот светски првак Боби Фишер, за да се намали акцентот на подготовката за отворања и да се поттикне креативноста во играта.
Светската шаховска федерација објави дека шест играчи веќе се пласирале преку нивните резултати на гренслем-турнејата во Фишеров шах во 2025 година, а тоа се Магнус Карлсен, Левон Аронијан, Фабијано Каруана, Винсент Кејмер, Арџун Еригаиси и Јавохир Синдаров. Двајца дополнителни играчи ќе бидат номинирани одделно, но организацијата „Слободен шах“ веќе го избра Американецот Ханс Ниман, поради неговиот настап на гранслем-турнирот во Лас Вегас, а осмото место ќе се одреди преку квалификациски турнир на „Чес“, закажан за 14 и 15 јануари.
СП 2026 ќе се одржи во три дена, и тоа на 13 февруари со забрзано темпо (10 минути плус пет секунди по играч, првите четворица ќе се пласираат во полуфиналето), на 14 февруари е полуфиналето и натпревари за пласман (25 минути плус 10 секунди), со полуфинални дуели од четири партии, а на 15 февруари е финалето со четири партии и преостанатите мечеви за пласман (25 минути плус 10 секунди).
Мундијалот со осум играчи е прво планетарно првенство во Фишеров шах по двете претходни СП на Светската шаховска федерација, одржани во 2022 година (победи Хикару Накамура) и во 2019 година (победни Весли Со), пишува „Чес“.
– Важно е елитното натпреварување во овој формат да се регулира според воспоставените меѓународни стандарди администрирани од ФИДЕ како единствено управно тело на светскиот шах – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе „Чес“.
Соопштението, исто така, вклучува вести за егзибициски меч помеѓу две врвни шахистки што ќе се одржи заедно со главниот настан. Страните ги потврдија плановите за првото Светско првенство на ФИДЕ во Фишеров шах за шахистки, кон крајот на годинава, со награден фонд од 50.000 долари, пишува „Чес“. Г.И.