ФИДЕ очигледно препознава квалитетна организација на меѓународни турнири, па и годинава, како и минатата, повторно ни даде доверба да продолжиме со уште посилно темпо, вели Зоран Стојчевски, член на УО на ШФМ

ШАХ – ГОДИШНА ПРОГРАМА ЗА ПОМОШ

По успешното спроведување на пакетот за помош од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за опен-турнирите низ светот во минатата година, програмата е продолжена и за 2023 година, што добро ќе им дојде на овие турнири околу организацијата на настаните, но и за зголемувањето на наградниот фонд.
Вкупниот износ на програмата за пакетот финансиска помош за турнирите во 2023 година достигна 200.000 евра, информираат од Светската шаховска федерација.
– Оваа импресивна сума ќе биде распределена на 50 отворени турнири во исто толку шаховски федерации избрани од ФИДЕ, а една национална федерација може да добие не повеќе од еден пакет финансиска помош – велат од ФИДЕ.
Од Македонија, ваков предвиден пакет од Светската шаховска федерација е наменет на веќе познатиот меѓународен турнир „Опен Скопје 2023“, на кој во минатите години настапуваа многу силни шахисти, а и наградниот фонд беше мошне висок. Годинава тој е планиран да се одржи во септември или во октомври.
– Светската шаховска федерација очигледно препознава квалитет на организација на меѓународни турнири, па и годинава, како и минатата, повторно ни даде доверба да продолжиме со уште посилно темпо. Лани за организација на турнирот „Опен Скопје“ добивме 3.000 евра, а годинава очекуваме околу 5.000, што впрочем е и максималниот износ по федерација. Истовремено очекуваме поддршка и од Балканската шаховска федерација за овој наш годинашен турнир – вели членот на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и член на Организацискиот одбор на турнирот, Зоран Стојчевски.
Од 2011 до 2018 година во Скопје се одржуваше познатиот и популарен меѓународен турнир „Опен Карпош“, а потоа се врати поранешниот меѓународен турнир „Опен Скопје“, на кој лани настапија 138 шахисти од 15 држави. Г.И.