Фото: ЕПА

Ново-стариот шампион победи и на големата награда на САД, која се возеше во Остин

ФОРМУЛА 1

Ниту тоа што ја обезбеди титулата светски првак, ниту пак што стартуваше од шестата позиција не беше доволно за да го сопре возачот на Ред Бул, Холанѓанецот Макс Ферстапен, да победи на трката за големата награда на САД, која се возеше во Остин, со што тој ја оствари својата јубилејна 50-та победа во кариерата. Трикратниот светски шампион во низа ја впиша и 15-та победа сезонава и стана петтиот возач што стигнал до 50 триумфи.
Ферстапен уште еднаш покажа дека е убедливо најдобар Ф1-возач и продолжува со одличните изданија сезонава.
– Во текот на целата трка имав многу проблеми со сопирачките, а на патеката имаше многу точки за сопирање. Го немав истото чувство како во спринтот и тоа дефинитивно ми ја отежни трката. Но крајот беше блиску, гумите се истрошија и беше потешко – изјави Ферстапен по трката.
Луис Хамилтон, кој трката ја заврши втор, и Шарл Леклер, кој беше шести, беа дисквалификувани по завршувањето на трката откако техничкиот тим на ФИА откри неправилности со нивните болиди. И Мерцедес и Ферари можат да се жалат на одлуката.
Дисквалификацијата на Хамилтон значи дека Британецот Ландо Норис заврши втор, Мексиканецот Серхио Перез сега е четврти и на тој начин ја зголеми предноста пред Британецот Хамилтон како втор во поредокот кај возачите. Британецот Џорџ Расел сега е петти, Французинот Пјер Гасли шести, Канаѓанецот Ленс Строл седми, а Јапонецот Јуки Цунода осми. Исто така, Вилијамс сега доби поени за двата болида, Британецот Алекс Албон е деветти, а Американецот Логан Сарџент е десетти. Со тоа тој ги освои своите први поени во Ф1, кои се и први по 30 години за некој американски возач воопшто.
На табелата води Ферстапен, кој сега има 466 бода, втор е Перез со 240, а трет Хамилтон со 201. Кај конструкторите води Ред Бул со 706 бода, втор е Мерцедес со 344, а трет Ферари со 322.
Следната трка на програмата е за викендот помеѓу 27 и 29 октомври и ќе се вози за големата награда на Мексико. Г.И.