ЕВРОПСКАТА ЏУДО-УНИЈА НА ТРИ НЕДЕЛИ ДО ПОЧЕТОКОТ НА КАДЕТСКОТО КОНТИНЕНТАЛНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ
Ова е навистина историски момент, не само за нашата федерација туку и за целата наша држава. Возбудени сме што можеме да ги пречекаме европските ѕвезди во подем и да им понудиме незаборавно искуство на татамите и надвор од нив, вели претседателот на ЏФМ, Трпаноски, пренесе ЕЏУ
Додека џудо-елитата ги завршува своите последни подготовки за претстојното Светско првенство, кадетите се, исто така, во средината на нивната фаза на подготовка. За многумина, ова го означува почетокот на нивното меѓународно патување, полигон каде што соништата почнуваат да се обликуваат и иднината тивко се гради, пишува на својата официјална интернет-страница Европската џудо-унија (ЕЏУ).
Од 26 до 29 јуни во Скопје ќе се одржи Европското првенство во џудо за кадети. Првпат во историјата, Македонија гордо ќе биде домаќин на овој престижен настан, означувајќи значајна пресвртница за спортскиот пејзаж на земјата и нејзината посветена и страсна џудо-заедница, пишува ЕЏУ.
– Натпреварувањето на ова ниво веќе е пофално достигнување. Континуирано се работи за раст, издржливост и за лекции што ве обликуваат во џудист каков што се стремите да бидете – рече претседателот на ЕЏУ, Ласло Тот, пренесе официјалната интернет-страница на Европската џудо-унија.
Секој ден ветува жестока конкуренција, емоционални победи и крунисување на идните европски шампиони. Владимир Трпаноски, претседател на Џудо-федерацијата на Македонија, ја изрази својата гордост, пишува ЕЏУ.
– Ова е навистина историски момент, не само за нашата федерација туку и за целата наша држава. Возбудени сме што можеме да ги пречекаме европските ѕвезди во подем и да им нудиме незаборавно искуство на татамите и надвор од нив – вели Трпаноски, пренесе ЕЏУ.
Еден од најголемите меѓународни настани во Македонија годинава ќе се одвива под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“. Околу 400 луѓе го потврдија своето доаѓање, вклучително и првите луѓе на ЕЏУ, па се очекува во Скопје да има рекорден број учесници на едно ЕП за кадети, односно да се натпреваруваат од најмалку 40 држави. Г.И.